Според зборовите на Светиот Дух, нашиот „Бог е љубов“ (16.03.2014)
Ревноста е огнена; духот кроток; љубовта милосрдна или, подобро кажано, всушност таа е милосрдие; надежта е долготпелива. Ревноста пламти; духот нѐ прави кротки; надежта нѐ оживува; љубовта нѐ поврзува и не дозволува да се раздвои она што кај нас е прекрасно, иако по природа ние сме разделени. Љубовта: таа, или престојува во срцето, постојана е, или, колебајќи се, повторно станува, или, ако се оддалечи, повторно се враќа. Таа личи на растението кое ако насилно го згазиме, а потоа ја дозволиме неговата слобода, повторно раззеленува и се враќа на претходната, незгазена состојба. Со тоа растението го покажува својството според кое можеме насилно да го скршиме и згазиме, но не можеме да го исправиме. Вистина е дека порокот преку природата ни е придодаден, а склоноста кон лошото е многу силна; тоа е потокот што се бори со стрмнината; тоа е лесно запаливата трска или барската трска која од искрата се претвора во пламен и согорува; огнот е пород на создаденото, го истребува како што порокот ги уништува порочните луѓе, но истовремено и исчезнува со нив, бидејќи тие, всушност, му се храна. Ако некој, пак, се втемели во доброто и таа навика ја усвои, тој многу потешко ќе падне; имено, секое добро, со време втемелено во трезвеното расудување, се претвора во природа; исто како и љубовта која е во нас и со која ние го извршуваме служењето на вистинската љубов, љубената и, од наша страна, одбраната како наше раководно начело во текот на целиот живот.
Кога другите не ја чуваат согласноста, настанатиот раздор нема да ги одведе кон ништо добро. За некои, меѓутоа, поубаво е да се живее во хаосот, отколку во солидарноста. Кој од оние што здраво размислуваат може да го пофали сојузот втемелен на лошото дело? Ако некој нѐ праша: што почитуваме и на што се поклонуваме? Одговорот би бил: ние ја почитуваме љубовта. Според зборовите на Светиот Дух, нашиот „Бог е љубов“. А што е значајно во законот и во пророците? И на ова евангелистот не дозволува да одговориме поразлично.
Зошто ние, почитувачите на љубовта, толку мразиме и сме мразени? Зошто ние, почитувачите на мирот, немилосрдно и непрестајно војуваме? Зошто ние, втемелените во каменот, пропаѓаме, утврдени во аголниот камен, се распаѓаме, повикани на Светлина – потемнуваме? Зошто ние, слугите на Словото, се доведуваме во... празнословие или... не знам веќе како уште тоа да го наречам?
Како едната и иста земја станува стабилна за оној што е здрав, а за оној што лута со очите или кој самиот се врти таа станува нестабилна, и како ваквата состојба може да се пренесе и на предметите или, ако сакате, како едно и исто растојание меѓу столбовите е поголемо за оној што гледа од поблиску, а помало за оној што гледа од подалеку; дали затоа што воздухот ја намалува раздалеченоста, а погледот ги доближува предметите поголеми по обем; на ист начин и ние сме измамени среде омразата и немаме исти сфаќања за едни и исти лица, ако тие ни се другари или туѓи. Кај нас времето лесно од многуте прави светители, а многумина, напротив, безбожници.
Свети Григориј Богослов