Молитвата природно нѐ зближува со нашиот Владика
 
 
 
 
 

Молитвата природно нѐ зближува со нашиот Владика (28.05.2014)

Човекот сака непрестајно и без прекин да биде со она што го љуби и затоа бега од сѐ она што го спречува да биде во допир со љубеното нешто. Очигледно е дека оној што Го љуби Бог копнее постојано да биде со Него и да разговара со Него. Тоа се постигнува со чиста молитва. Треба да се потрудиме околу неа со сите сили имајќи на ум дека таа природно нѐ зближува со нашиот Владика. Таков бил оној што рекол: „Боже, Боже мој, по Тебе утренувам. Ожедне мојата душа за Тебе“. Навистина, кај Бога подранил оној што го оддалечил својот ум од сето зло, бидејќи неизлечиво е ранет од Божјата љубов.

 

Отците молитвата ја нарекуваат духовно оружје без кое не би требало да се излегува во борба, за да не бидеме заробени и однесени во непријателската земја. Меѓутоа, чистата молитва не може да ја  здобие оној што не се доближил до Бога со чисто срце. Тој, имено, ја дава молитвата на оној што се моли и истиот го учи на познание.

 

Во секое искушение и во секоја борба молитвата нека ти биде непобедливо оружје. На тој начин ќе победиш со помош на Христовата благодат. Сепак, таа треба да биде чиста, како што ни заповеда нашиот премудар учител, велејќи: „Значи, сакам мажите да се молат на секое место, подигнувајќи ги светите раце без гнев и двоумење“. Според тоа, оној што е невнимателен во молитвата ќе биде предаден на искушенијата и страстите.

 

Воздржанието и смирението го раѓаат бестрастието, а од верата доаѓа познанието. Со помош на нив душата расте во расудувањето и љубовта. Оние, пак, што во себе ја вселиле Божјата љубов, на крилјата на чистата молитва непрестајно се качуваат на самиот нејзин врв, сѐ додека не го достигнат познанието на Божјиот Син и додека не ја израснат во човекот совршената, и во мерата на растот, Христова полнота.

 

За да станеме совршени и потполни, без никаков недостаток, треба да имаме страв од Бога и да ги исполнуваме Неговите заповеди, потоа смирено размислување и покајничко срце и постојано да ја вознесуваме кон Господ молитвата на св. Арсениј Велики: „Боже мој, не ме оставај. Ништо добро не направив пред Тебе. Сепак, дај ми според Твојата милост да поставам добар почеток“. Бидејќи, целото наше спасение зависи од дарежливоста и човекољубието на Бога. Нему слава и поклонение.

 

Свети Теодор, епископ Едески