За молитвата (07.12.2014)
Сѐ додека целосно не се одвоиш од страстите и сѐ додека твојот ум им се противи на добродетелите и Вистината, нема да го почувствуваш благопријатниот темјан во своите гради, т.е. чистата и топла молитва.
Сакаш ли да се молиш (како што треба)? Преселувајќи се од сегашниов свет, секогаш живеј на небото, и тоа не само со зборовите, туку и со активностите својствени за ангелите, и со размислувањето за Бог.
Барајќи ја молитвата, вниманието (трезвеноста) (најпосле) и ќе ја пронајде. После вниманието не следува ништо друго, туку молитвата. За неа треба со внимание да се потрудиме.
Кога ќе ја најдеш вистинската молитва? Тогаш кога, молејќи се, ќе бидеш над секоја друга радост.
Молитвата е разговор со Бог. Преку долготрајната навика, таа нѐ воведува во соживот со Него, кој и безначајните луѓе ги сака и не се срами од пријателското зближување со нив, сѐ додека љубовта која ја имаат им обезбедува смелост.
Умната молитва разрешува од секоја помисла за сетилното и вознесува кон Бог Кој е над сѐ. Таа од Него со смелост го бара сето она што ѝ е пријатно. На тој начин таа придонесува човекот да живее во чистота.
Свети Павле нѐ учи да бидеме постојани во молитвата, односно со долготраен престој во неа да создадеме навика за истата. Тој уште и заповеда таа да се извршува на секое место. Секое место е создадено за молитва. Бог ги прифаќа оние кои Го повикуваат со чисто срце и праведни дела, гледајќи на нивното расположение и слушајќи ја нивната молитва, дури и ако местото од кое Го повикуваат, според нашето мислење, со ништо посебно не се истакнува.
Кога твоето срце ќе го нападне непријателска помисла, немој преку молитвата да бараш ова или она, туку употреби го мечот на солзите против непријателот. Излегувајќи против непријателот со тоа силно оружје, ние брзо ќе го натераме да отстапи од нас.
Преподобен Нил Синајски