Ние треба правилно да стоиме на молитва пред Бог
 
 
 
 
 

Ние треба правилно да стоиме на молитва пред Бог (08.12.2014)

Честото, речиси непрестајното изговарање на светото Божјо име, дури на почетокот и расеано (со оглед на тоа што кај почетникот поинаку и не може да биде), може да доведе до внимание и срдечна топлина, според зборовите на светите, и до непрестајна молитва во срцето, т.е. до ангелски живот, до блажените плодови.

Блажениот копнеж за добрите плодови, кај нас, треба да биде постојан. Извршувајќи го големото дело на светата молитва, ние треба да се трудиме тоа да го правиме со страв од Бог. Затоа кај нас треба да постои неуморен труд околу срцето кое е болно, што подразбира пронаоѓање и корнење на плевелот, кој на грешната земја на нашето срце расте заедно со добрите плодови. И тука нема место за нашето свето дело: плевелот со сите сили треба да ја искорени молитвата. Меѓутоа, на тој солзен напор му содејствува Божјата благодат, на многу чувствителен начин.

Таквото практикување на молитвата ќе биде правилно, безопасно, непрелестно и спасоносно.

Доколку, пак, молитвата ја извршуваме неправилно, т.е. без внимание, непобожно, доколку не се трудиме да го искорнеме плевелот, доколку не се трудиме околу добрите плодови, односно доколку во нас растат раздразливоста, гневот, нетрпеливоста, злите мисли кон ближниот, осудувањето и останатите плодови на нашата гордост и самољубие – нашата молитвена активност ќе се најде во опасност, т.е. ќе биде на неправилен пат.

Ние треба правилно да стоиме на молитва пред Бог, т.е. да се прекоруваме, смируваме пред ближните, да не ги осудуваме, со постојано покајание пред Него. И што и да се случи за време на молитвата, според учењето на Отците, „лесно или тешко – сѐ ќе биде добро“. Ниедна молитва, т.е. ни добрата, ни слабата, не пропаѓа пред Бог.

Топлината за време на молитвата покажува дека Бог нѐ наградува и теши за подвигот, додека мачнината, темнината и слично, покажуваат дека Бог нѐ очистува, лекува и ни дава сила. Тој ја спасува душата преку полезното смирение и така ја подготвува за идните благодатни дарови.

Старец Јован Рижиски