„А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него“
 
 
 
 
 

„А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него“ (11.01.2015)

„Молете се непрестајно“ (1 Сол. 5, 17). И во другите посланија светиот апостол Павле заповеда да бидеме „постојани“ (Рим. 12, 12); „бидете бодри во неа, со благодарност“ (Кол. 4, 2); „молете се со духот во секое време“ (Ефес. 6, 18). На постојаноста и непопустливоста во молитвата учи и Самиот Спасител (Лука 18, 1). Се знае дека непрестајната молитва не е нешто што е случајно пропишано, туку дека таа е неразделна црта од христијанскиот дух. Животот на христијанинот, според Апостолот, е „скриен со Христос во Бог“ (Кол. 6, 6). Престојувањето во Бог секогаш треба да биде пропратено со внимание, што и е својствено за непрестајната молитва. Од друга страна, секој христијанин е „Божји храм“ во кој „живее Божјиот Дух“. Токму овој „Дух“, Кој секогаш престојува во нас и Кој се застапува (моли) и „посредува за нас со неискажливо воздивнување“ (Рим. 8, 26), нѐ учи на непрестајната молитва. Првото дејство на Божјата благодат, која го враќа грешникот кон Бог, се менифестира во насоченоста на неговите ум и срце кон Него. Кога потоа, после покајанието и посветувањето на сиот свој живот на Бог, Божјата благодат, која дејствувала надворешно, преку Тајните, слегува во него и таму престојува, тогаш станува непроменлива, вечна, но и онаа посветеност на умот и срцето на Бог – во што и е суштината на молитвата. Таа се открива во разни степени, и како и секој друг дар, мора да биде пропратена со топлина (2 Тим. 1, 6). Станува збор за топлината во согласност со молитвениот труд, трпението... Моли се постојано, труди се во молитвата, и ќе ја здобиеш непрестајната молитва, која самата ќе почне да кружи во срцето, без особен напор. Секому му е јасно дека заповедта на светите Апостоли не се исполнува само со кажување на некои молитви во определено време, туку дека таа бара постојано одење пред Бог, посветување на сите дела Нему, Кој гледа сѐ и Кој секаде е присутен, со разгорување на топлото обраќање кон Небото, со умот во срцето. Целиот живот, во сите свои манифестирања, мора да биде проткаен со молитвата. Тајната е во љубовта кон Господ. Како што невестата која го засакала младоженецот не се одвојува од него, така и душата која се споила со Господ во љубовта, непрестајно е со Него, упатувајќи Му топли беседи од срцето. „А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него“ (1 Кор. 6, 17).

Схи-игумен Харитон Валаамски