„Само кога се жртвуваме себеси, можеме да се поистоветиме со Христос, зашто Христос е жртва“ (15.03.2015)
Во минатото луѓето биле толку храбри! Во манастирот на Флавијците во Мала Азија Турците заробиле еден човек и го убиле. Потоа ѝ кажале на жена му: „Ако не се одречеш од Христос, ќе ти ги убиеме и децата“. А таа одговорила: „Маж ми е сега со Христос и Нему Му ги доверувам и моите деца, и нема да се одречам од Него“. Каква храброст! Ако Христос не е во нас, како може да постои ваква храброст? Денес луѓето ги градат своите домови на урнатини...
Каква љубов имале светите маченици за Христос, каква храброст!... На пример, свети Гидеон Каракаленос (+1818) – какво неверојатно трпение имал! На своите џелати им рекол: „Исечете ми ја раката, исечете ми ја ногата, исечете ми го носот“. Накратко, сѐ исечете! Неверојатно! Но, за човек да стигне до таа точка, тој не смее да се сака себеси – мора да Го сака Бог. Мајка влегува во оган за да го спаси своето дете. Не чувствува никаква болка, затоа што нејзината љубов е посилна од печењето на огнот. Љубовта кон нејзиното дете ја прикрива болката. Па, може да си замислите колку повеќе љубовта кон Христос ја покрива болката од мачењето!...
За светителот што го зема јаремот на мачеништво, љубовта за Христос е посилна од болката – ја неутрализира. За мачениците мечот на џелатот бил понежен од гудалото на виолината. Кога Христовата љубов навистина процутува, тогаш мачеништвото станува празник; огнот подобро освежува од бања, затоа што чувството на горење е растерано од горењето на Божествената љубов. Камшикувањето станува милување...
Божествениот ерос го „проголтува“ срцето, го „проголтува“ умот и човекот станува „безумен“. Не чувствува никаква болка, зашто умот му е во Христос, а срцето му е преисполнето со радост. Толку многу светители отишле на мачеништво и чувствувале толкава радост, што некој би си помислил дека оделе на некоја прослава!...
Ако човек отсега не почне да жртвува по нешто, како на пример – да се откаже од некоја желба или себичност, како воопшто би можел во одреден момент да си го жртвува животот? Ако уште сега размислува за трудот и се обидува да избегне да работи малку повеќе од личноста до него, како би можел да стигне до состојба во која би го положил својот живот за да спаси нечиј друг? (...) Кога го нема духот на пожртвуваност, секој се грижи да се спаси само себеси...
Овие години се како експрес-тенџере што врие и шишти. Потребно е трпение, храброст и мажественост. Ако нешто треба да се случи, не оставај се целосно неподготвен. Отсега биди подготвен да се соочиш со каква било можна тешкотија. Што рече Христос? Нели рече: „Бидете подготвени?“ (Лука, 12, 40).
Живеењето во вакви тешки времиња како денес ни дава уште една причина да бидеме уште поподготвени. Не е само ненадејната смрт што може да ни се случи, има и други опасности. Затоа, отфрлете го духот на себеугодување. Нека преовладува духот на добродетелите. Секогаш да го имате духот на пожртвуваност...
Една жена, која имаше сѐ, еднаш ми рече дека децата ѝ се мачна обврска. Не можеше да се помачи да биде мајка! Кога една мајка размислува на тој начин, таа станува бескорисна, зашто би требало – на мајките барем, да им е природно да љубат... Кога еден човек е исполнет со чувството на пожртвуваност, тој не се жали, не е мрзлив – тој се радува. Тоа е клучното: да се има дух на пожртвуваност...
Ох, каква ли само радост тоа носи! Во денешно време луѓето не ја вкусуваат радоста од пожртвуваноста и затоа се мачат. Немаат идеали, премногу им е досадно да живеат. Она што нѐ исполнува е пожртвуваноста и великодушното срце. Без ова, само се мачиме...
Се случува чудо кога некој сострадува со другиот и ја чувствува неговата болка. Токму оваа болка допира до Господ и прави да се случи чудо. Зашто ништо толку не допира до Него како еден благороден и пожртвуван дух. Но сега, во денешно време, овој вид благородност е реткост, бидејќи преовладуваат самољубието и саможивоста. Ретко некој ќе рече: „Ќе му го отстапам моето место на некој друг, во ред е ако јас малку почекам“.
Доброто е добро само ако оној што го прави, жртвува нешто свое – својот сон, одмор итн. Затоа Христос рече (за вдовицата): „Но, таа даде сѐ што имаше“. Кога сум одморен и ќе направам нешто добро, тоа нема некое особено значење. Но, кога сум уморен и некој ме замоли, да речеме, да му дадам некое упатство, и јас го направам тоа, тогаш има значење...
Можете ли да си замислите каква радост вкусува оној што се жртвува себеси? Не може да се искаже радоста што тој ја чувствува. Возвишена радост произлегува од жртвувањето. Само кога се жртвуваме себеси, можеме да се поистоветиме со Христос, затоа што Христос е жртва. Човек може да живее во рајот уште сега и овде, или, пак, може да живее во пеколот. Оној што прави добро е преисполнет со радост, затоа што е награден со божествена утеха. Оној, пак, што прави лошо, се мачи.
Старец Паисиј Светогорец