Чудо се случува кога сочувствуваме во туѓата болка
 
 
 
 
 

Чудо се случува кога сочувствуваме во туѓата болка (22.03.2015)

Светот веќе изгуби контрола над себе. Од луѓето отстапија трудољубивоста и духот на самопожртвуваност. Веќе ви кажував за тоа во каква состојба се наоѓав во ќелијата, кога страдав од кила. Кога некој ќе тропнеше, излегував да му отворам, дури и по снег. Ако човекот имаше сериозни проблеми, престанував да ја чувствувам својата болка, иако непосредно пред тоа бев закован за креветот. Ќе го послужев гостинот; со едната рака го послужував, а со другата ја придржував килата. Целото време додека разговаравме, не се потпирав на ништо, не обрнувајќи внимание на големата болка за тој да не сфати дека сум болен. А кога мојот гостин ќе заминеше, повторно паѓав во постела од болка. Работата не беше во тоа дека болката поминуваше или дека на некој чудесен начин бев исцелен, туку, сострадувајќи со болката на својот ближен, заборавав на сопствената болка. Чудо се случува кога сочувствуваме во туѓата болка. Работата е во тоа луѓето да ги чувствуваш како свои браќа, да страдаш заедно со нив. Таа болка го трогнува човекот и така се случува чудо. Зашто нема ништо друго што може повеќе да Го допре Бога, како благородната великодушност, односно духот на самопожртвуваноста. Но, во наше време великодушноста стана вистинска реткост зашто со луѓето завладеа себељубието, користољубието. Реткост е да се најде човек што ќе рече: „Ќе им го отстапам мојот ред на другите, а јас можам малку и да почекам". Малку има такви благословени души кои мислат на другите. Дури и меѓу луѓето кои се трудат да живеат духовен живот постои еден спротивен дух, дух на рамнодушност.

„Доброто“ е навистина „добро“ само во случај кога оној што го прави жртвува нешто свое: сон, мир, и на тоа слично. Затоа Христос рекол: Од својата немаштија (Лк. 21, 4). Кога сум одморен и направам нешто добро, тоа нема никаква вредност. Но кога сум уморен, а некој бара да му го покажам патот и јас тоа го направам, тогаш тоа дело нешто вреди. Или, кога сум наспан и целата ноќа поминам со некој на кого му е потребна помош, тоа не вреди многу. Дотолку повеќе ако притоа разговорот ми одговара; можеби јас го правам сето тоа за малку да му се радувам на дружењето, за малку да се забавувам. Но кога сум уморен и принесам некоја жртва за да му помогнам на својот ближен, чувствувам рајска радост. Тогаш Бог ме дарува со благослови.

Старец Паисиј Светогорец