Философија за животот
 
 
 
 
 

Философија за животот (25.03.2015)

Колку повеќе човек размислува за таинственоста и занимливоста на овој свет, сѐ повеќе го прогонува мислата: стварноста на овој свет е поневеројатна од сѐ најневеројатно и потаинствена од сѐ најтаинствено. Ниту најнадарената човечка фантазија, издигната дури до квадрилионити степен, не би можела да замисли поневеројатен и потаинствен свет од овој во кој ние луѓето живееме.

            Претпоставете си дека овој свет не постои. И некое наткосмичко Битие, по својата семоќна волја и необјаснива желба, ви одредува да создадете свет по своја замисла. Притоа, ви се остава целосна слобода и замисли и дејствија. Највисокото Битие би ве снабдило со материјалот што ви е потребен за создавање на еден свет. Дали би прифатиле да бидете архитект на еден таков свет: што би поставиле како темел, што би всадиле како материјал, што би одредиле како цел? Какви битија би измислиле, во каква сфера и атмосфера би ги поставиле? Дали на одредени битија би им дале мисла и чувство, или би им дале нешто друго наместо мисли и чувства? Дали во некој вид битија би всадиле тага, болка, солзи, љубов? На пример, колку сетила би му дале на битието што би личело на човек? Нема ли да згрешите ако му дадете помалку сетила отколку што има човекот; а нема ли уште повеќе да згрешите ако му дадете поголем број сетила? А што би се случило дури тогаш, ако наместо едно срце, во градите му ставите десет? Кога во сите поединости ќе го изработите и детално ќе го разработите планот на својот свет, дали сте сигурни дека нешто главно нема да пропуштите? О сигурни сте, сигурни сте и вие и јас дека мора барем нешто да сте пропуштиле, поради кое вашиот свет би се срушил уште пред да биде готов.   

Да бидеме конкретни: вие најпрво би ги поставиле темелите на својот свет. Но, на што би ги поставиле? Погледнете, целата наша планета стои на – воздух како на темел! А воздухот стои на – безвоздушен простор! А безвоздушниот простор на некои невидливи честички што науката ги нарекува атоми. А атомите на – електрони. А електроните повторно на праелектрони. А праелектроните на – фотони. А фотоните на – нематеријален етер! А нематеријалниот етер на – уште нешто понематеријално и поневидливо! И така до бескрај. Бидејќи човечката логика, и преку науката, и преку философијата, и преку уметноста жедно ита од помали загадочности кон поголеми, тоне од една невидливост во друга, додека не потоне во – којзнае какви невидливости! Затоа, немојте да ја осудувате човечката логика. По својата природа таа самата не може да замисли крај на она што е невидливо, а тоа значи на она што е бескрајно. И нашата логика, и нашата планета, и нашиот космос, сето тоа е опколено со некои безбројни невидливости и некои безмерни бескрајности. Сите наши знаења за светот и човекот, сите наши пророштва за нив се собираат во едно знаење и едно пророштво. Тоа знаење, тоа пророштво гласи: овој видлив свет стои и постои на – невидливости, невидливости што немаат ниту број ниту крај...

Ах, да! Вам ви се нуди боговска чест: да бидете творец и архитект на еден нов свет. Дали имате доволно мечти, доволно ум, доволно срце, доволно сила за тоа? Еве еден детаљ: во молњата треба да се спои оган со вода. Тоа е парадокс, нели? Но, тоа е, на такви парадокси опстојува овој свет. Тие се тука, насекаде околу нас, без оглед што ние луѓето, ние бедни цицачи, речиси ништо од тоа не разбираме. Зарем, нашето цицачко величество има право да се лути што не нѐ прашале кога бил создаван ваков свет? Но, еве, ви се дава можност да бидете задоволни: повелете, создадете си свет по своја замисла и по свој план.

Ако на вашите човечки способности им е тешко да создадат еден универзум, тогаш од великиот, космички свет спуштете се во нашиот мал, нашиот земен свет. Веројатно ќе можете да бидете архитект на еден таков малецок свет. Бидејќи нашиот земен свет во споредба со универзумот како целина, не е само мал, туку бескрајно мал, мал до невидливост. Великиот современ астроном, професор на универзитетот Кембриџ, Џемс Џин тврди дека нашата планета во споредба со универзумот е како милионито делче од едно зрно песок во споредба со вкупното количество песок на сите морски брегови на овој свет[1].

Но сериозно погледнете во овој наш и така малецок земен свет. И тука сѐ ви е многу загадочно и многу таинствено. Во сѐ се крие нешто необично и низ сѐ струи нешто невидливо. И човек не може да се одбрани од наметливото прашање: но што е најважно во овој свет? И ако сериозно, маченички сериозно размислиме, мора да одговориме: во овој видлив свет најважно е тоа што е невидливо, неопипливо, несогледливо. Еве, радиумот е најстрашната сила, но сила невидлива. Гравитационата тежа држи и одржува во чудесен ред безброј сончеви системи, но и таа е невидлива. И кутриот homo sapiens со тага, или крцкајќи со забите признава: темел на сѐ видливо е нешто невидливо. Секоја видлива твар со својот највнатрешен нерв е поврзана со нешто невидливо... О кажете ми, како се прави премин од видливо во невидливо? И повторно: како настанува премин од невидливо во видливо? Како се згуснуваат невидливите фотони, праелектрони и електрони и го даваат овој видлив, овој опиплив, овој материјален свет? Врв на сето тоа: тоа што е видливо во светот е бескрајно помало од тоа што е невидливо во светот и околу светот. Најновите истражувања на астрономите покажуваат дека небесните тела – планети, комети, ѕвезди – кои опстојуваат во материјалниот етер, се само, така да се рече, мали, едвај забележливи материјални островчиња во космосот. Како што покажуваат истражувањата на германскиот астроном Рима, материјата претставува само исклучок во свемирот. Односот на севкупната материјална маса на сите небесни тела во споредба со севкупниот материјален простор е еднаков на односот што постои меѓу дванаесет главички од шпенадла и севкупниот простор на германското царство. Значи, материјата е исклучок и во космичкиот простор, како што е исклучок во атомот[2]. Хабл мисли дека волуменот на вселената изнесува околу 380.000,000,000,000 билиони, билиони, билиони, билиони кубни милји[3]. Џемс Џин верува дека во толкавата вселена има онолку ѕвезди колку што има зрна песок на сите морски брегови на Земјата или онолку капки во обилниот дожд кој цел ден би истурал над цел Лондон. А притоа, не смееме да заборавиме, вели Џин, дека една средна ѕвезда е околу милион пати поголема од Земјата[4]. Според Едингтон, масата на Сонцето е тешка 2,000.000.000.000.000.000.000.000.000 тони[5], а вкупната количина на материјата во целата вселена изнесува колку и 11.000 милиони, милиони, милиони сонца[6]. Па, сепак, оваа огромна количина материја зазема само еден многу, многу мал дел од непрегледниот простор на вселената. Човек би си помислил, вели Џинс, дека просторот кој содржи толкав огромен број на ѕвезди би бил ужасно пренатрупан. Напротив, вселенскиот простор е попразен отколку што може и да се замисли. Да претпоставиме дека само три мушички живеат во цела Европа, па дури и во тој случај воздухот во Европа би бил пренаселен со мушички отколку што е вселенскиот простор со ѕвезди, барем во тие делови што ни се познати[7].

Сѐ на сѐ: невидливото е срце на видливото, јадро на видливото. Невидливото не е ништо друго освен лушпа на окото невидливо. Безбројни се облиците во кои се облекува невидливото. Се облекува и пресоблекува. Сонцето е видливо, но невидлива е силата што го загрева. Видливи се многубројни соѕвездија, но невидлива е силата што мудро ги придвижува и води низ бескрајните пространства за да не се судрат. Видлива е земјата, но нејзината тежа е невидлива. Видливи се океаните, но невидлива е силата што ги осолува. Видлив е славејот, но невидлива е животната сила што го држи во постоење. Видливи се многу битија на земјата, но невидлива е силата што ги воведува во живот и ги држи во границата на животот. Видлива е тревата, видливи се растенијата, видливо е цвеќето, но невидлива е силата што од една иста земја произведува разноврсни треви, разновидно цвеќе, различни плодови. Така изгледа светот околу човекот.

 

Преподобен Јустин Ќелиски

 



[1] The Mysterious Universe, Cambridge, 1937, стр. 3

[2] Кипријан Керн, Материјализам и наука, Христијанско дело, 1936, стр. 106-107

[3] I. G. Crowther, An Outline of the Universe, 1938, стр. 20

[4] Звезде и њихова кружења, Београд, 1938, стр. 148

[5] А. С. Едингтон, Звезде и атоми, Београд 1938, стр. 16

[6] Џ. Џинс, op. cit. стр. 147

[7] Џ. Џинс, op. cit. стр. 148