Сеопшто значење на Воскресението Христово
 
 
 
 
 

Сеопшто значење на Воскресението Христово (21.04.2015)

Христос воскресна! Какви ли прекрасни зборови! Како само тие го менуваат изгледот на сѐ што постои!

Сѐ до денес многумина ја познавале само земјата, на која за кратко време се појавувале, за потоа да исчезнат на место незнајно; други чуле нешто за адот, како за бездна што на сите им се заканува дека ќе ги проголта и никого не враќа назад; има малку и од оние што слушнале за небото, како за горно престојувалиште, и за тоа дека некој на сон видел лествица на која кон небото се искачувале Ангели Божји, но луѓе немало на неа.

Што претставува земјата сега, откако Христос воскресна? Таа е расадник за небото. Краткотрајниот човечки живот во тело, што се завршува со уништување – со зборови да го соопштиме она што вистински го изразува Воскресната служба, која што ја следиме со заемно изјавување на радост – е живот на птица што започнува во јајце, и која по пукањето на кората ја открива сета возвишеност и ширина на животот; потребно е само зачетокот да биде опфатен, проземен и поттикнат од топлината на мајчината крв, односно потребно е зачетокот на небесниот живот во човекот да биде опфатен, проземен и поттикнат со животворната сила на Крвта Христова. Сега, кога Христос воскресна, и кога Нему, како на Богочовек, Му се даде секоја власт на небото и на земјата (Мт. 28, 18), небото не само што стана достапно туку и се соедини со земјата, така што е тешко да се пронајде границата или разликата помеѓу нив, имајќи предвид дека Божествената природа се јавува на земјата, а човечката на небесата. Ангелите што Јаков ги видел како се искачуваат и слегнуваат по небесната лествица, сега одат по земјата како весници на Синот Човечки, Кој господари на небесата.

И што претставува адот сега, откако Христос, слегнувајќи во него, воскресна? Претставува тврдина, во која под маската на заробеник влегол победник; темница, чии врати се разбиени, а стражарите совладани; и чудовиште, кое го проголтало Пророкот фрлен од бродот, но наместо да го раскине и уништи, за него станал втор брод, иако не толку мирен, за на крајот да го исфрли на брегот на животот и сигурноста. Сега станува јасно како некој можел да се надева дека и низ самиот ад ќе помине: безбедно „Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене“ (Пс. 22, 4), Ти, Кој заради нас си слегол од небото, како и ние си одел по земјата и си слегол во долината на сенка смртна за и оттаму на Своите следбеници да им го отвориш патот кон во светлината на животот.

На крај, Воскресението Христово не ли нѐ направи и нас поинакви? Да му поверуваме на еден од веродостојните сведоци на Воскресението Христово, дека тоа и нас нѐ препородило, ако не со самото дело, тогаш во крајна линија со – надежта. „Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нè прероди преку воскресението на Исус Христос од мртвите“ (1. Петар 1, 3).

Но, ако со Воскресението Христово сме препородени само со надеж – а по нашата надеж следи и надежта на целото создание, зашто „и тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји“ (Рим. 8, 19), тогаш и сите чудеса што ги направило Воскресението Христово се само зачетоци на понатамошни чудеса што тоа подоцна ќе ги покаже, особено на крајот на времињата, па дури и во бесконечната вечност.

 

Свети Теофан Затворник