Беседа во Неделата на Светите Мироносици
 
 
 
 
 

Беседа во Неделата на Светите Мироносици (26.04.2015)

Светите Мироносици! О чудесни жени! О какви венци Небесниот свет плете за Мироносиците – подобри и посвети отколку за нас луѓето. Кога луѓето од Ерусалим Му се нафрлиле на Господ Христос, и научници, и фарисеи, и книжници еврејски и други, жените (Мироносици) плачеле и ридале за Господ Христос. Ние и не знаеме дали имало и една жена меѓу оние што викале: „Распни го, распни!“ (Марко 15, 13). Знаеме дека тие биле похрабри од учениците Христови. Во мрачната црна ноќ, кога Го фатиле Господ Христос, кога Јуда Го предал, кога Го воделе на Голгота, кога сите ученици побегнале од Господ – Мироносиците стоеле блиску до Крстот Негов. Од никого не се плашеле. Верата нивна била посилна од верата на учениците Христови. Верата на жената е посилна од верата на луѓето, и затоа Господ Воскреснатиот прво им се јавил на Мироносиците, прво им се јавил на Марија Магдалена и Марија Јаковова (види: Марко 16, 1), ним им се јавил зашто Му служеле и верувале во Него со сето свое срце, со сета своја душа, со сето битие свое. И првиот воскресен поздрав, ангелски поздрав: „Христос Воскресна!“ им бил упатен на Светите Мироносици, првата Блага вест во нашата, од сите страни затворена, земна гробница.

Господи, воскресни нѐ и дај ни ја таа Вечна Пролет на радоста, која што Воскреснатиот Господ ја засветлил во душите на сите христијани, а прво на Светите Мироносици. Апостол Павле им пишува на Христијаните: „Ние сме Христов мирис пред Бог (2. Кор. 2, 15), Христов мирис пред Бог! Од Светото Писмо знаеме дека гревот е смрдеа пред Бог. Како ние сме Христов мирис пред Бог? Да се чистиме од гревот... Господ Христос со Воскресението Свое чисти од гревот. Давајќи ни преку Светата Причест и преку Светото Крштение очистување од гревовите, Он нѐ исполнува со миомирото на Бесмртноста. Гледај, сѐ што е Христово мириса на Бог, тоа значи мириса на Бесмртност, мириса на Вечна Вистина, мириса на Небо. Сѐ што е Христово мириса на Небесата. Евангелието Христово, чудесен мирис на Небото! Колку поживо и подолго го читаш Евангелието, тоа сѐ повеќе и повеќе мириса, како мирислив корен: колку повеќе проникнуваш, тој сѐ повеќе мириса. Христовите зборови мирисаат на Бесмртност и Живот Вечен, бидејќи од нив блескаат Бесмртност и Живот Вечен.

Светиот Апостол вели: „Ние христијаните, ние сме Христов мирис пред Бог“. Тој Христов мирис се разлеал по овој свет преку првата Воскресна благовест, преку Воскреснатите Свети Мироносици, а по нив и со нив и преку Светите Апостоли и сите христијани до денешниот ден. Ние христијаните го потиснуваме тој небесен мирис со секој грев, гнев, страст. Свети Ефтимиј Велики, духовник, проѕорливец, ја почувствувал смрдеата од една блудна помисла што еден негов брат во манастирот ја имал тој момент во својата глава. Искушение го следел тој брат и тој прифатил да го гони блудна помисла. Овој Светител ја почувствувал смрдеата. Така, браќа мои, душите наши мирисаат или смрдат. Тоа го чувствуваат светите Ангели што се околу нас и тоа го гледаат. Затоа, секој грев што е во мојата и во твојата душа смрди... Кога ќе почувствуваш грев во себе, смрдеа, знај дека секој Ангел бега од тебе. Некој постар грев, грев непокаен што со години живее во нас, па тоа е смрдеа огромна од која сите Ангели бегаат. Затоа Господ и нам ни дал Свети Тајни: ја дал Светата Тајна Причест да нѐ замиомири, да нѐ замириса.

Во пустината во која се подвизувал Свети Варсануфиј Велики, во неговата околина и близина се наоѓале млади подвижници кои, далеку од светот, далеку од свештеник, не можеле да се причестуваат во храм. И секоја сабота Ангел Божји од Небото им донесувал Причест. Во нивното Житие се вели: кога Ангелот се појавувал од небесните висини, мириси се разлевале по целата земја... (види: Житија на Светиите, 6 февруари), сето тоа мириса на Небо. Затоа, секоја вистинска христијанска душа е душа на мироносица, мириса пред Бог и себеси Му се принесува на Христос чиста од грев.

Светите Мироносици на сите времиња, многубројни се. Прво биле малку, а потоа сѐ повеќе и повеќе. Што се Светите Подвижнички, што? – Мироносици! Светата Маченичка Варвара, Светата Маченичка Ирина, Преподобна Марија Египетска и сите Преподобни Мајки, што се тие? – Мироносици низ векови и векови, душа што се држи до Евангелието на Господ Христос и со него живее во Него, а на прво место тоа се монахињите во подвиг и звание. Мироносиците постојано ја чистат душата своја од грев за да не засмрди. Бидејќи кој стои на чело на сите Мироносици? Кој е тој што на Мироносиците им го дава сиот небесен сјај? – Пресветата Богомајка. Таа – Таа е врховната и Прва Мироносица. Во светите молитви за Неа се вели: дека Миомирото Небесно ни Го родила, Господ Христос, Благоуханието го создала. Затоа е Прва Мироносица пред сите нив. И блазе си ѝ на таа душа што оди по Неа со вера во Нејзиниот Воскреснат Син, Господ Христос, со љубов света, со молитва, пост и со сите други свети добродетели.

Душата твоја мириса со небото, со Воскреснатиот Господ, со Неговите Свети Евангелија, со Неговите свети заповеди. Бидејќи преку извршувањето на светите заповеди, Он се вселува во нашата душа. Апостолот свет пишува: „Преку верата Христос да се всели во срцата ваши (Еф. 3, 16). Он се вселил во нашите срца и со верата, и со љубовта, и со молитвата и постот, и со сите свети добродетели. Кога ги умножуваме во себе, Воскресната сила Христова ја умножуваме во себе. Тогаш од нас бегаат сите зими на гревот, бега секоја смрдеа на гревот, се исполнуваме со Вечна Пролет, пролет што мириса на љубов, на вера, на молитва, на милост и на сите евангелски добродетели.

Никогаш не малаксувај, христијанине, ниту ти, христијанко! Гледај, Пресветите Мироносици се пред тебе и околу тебе, сите се тука да ти помогнат, да те ослободат од секоја зима на гревот, да те ослободат од секоја смрдеа на гревот. Поведи се со нив, оди со нив, и знај, ќе одиш по нив, ќе одиш по Воскреснатиот Господ Христос. А Он, Он води во Небесно Царство, води таму каде што е вечна пролет на бесмртноста и вечноста, вечна пролет на Вечната Вистина Божја, вечна пролет на Вечната Радост Божја, вечна пролет на Вечната Љубов Божја. Таму водат тие, а наше е да ја употребиме целата душа своја, да одиме по нив со евангелска вера, со евангелска љубов, со евангелска молитва, со евангелски живот. Тогаш, тогаш од сите страни ќе воскличнува воскресниот поздрав, кој непрестајно се слуша од сите христијански души, во сите срца:

„Христос воскресна! Навистина воскресна!“

 

Преподобен Јустин Ќелиски