Душата – храм на Светиот Дух
 
 
 
 
 

Душата – храм на Светиот Дух (27.05.2015)

„Бидете пламени во духот“

(Рим. 12, 11)

Како што Бог ги создаде небото и земјата за престојувалиште на човекот, така Бог ги создаде телото и душата на човекот за Свое престојувалиште, за радувајќи се на тоа, да најде мир во неговото тело, како во Свој дом, имајќи прекрасна невеста – возљубената душа, што ја создаде според образот на Женикот на душата.

Затоа е неопходно душата да ја прочисти својата сетилна, мрачна, телесна природа – со гледањето на срцето – и да ја преобрази во повисока, духовна стварност. Тука ѝ е добро, тука е нејзиниот вистински живот, тука е нејзиниот спокој и нејзината радост.

Благодатта што се спушта во срцето ја разбудува енергијата на духот, ја вознесува кон височините ослободена од земната приврзаност. Душата која што владее над помислите и која што го очистила срцето од нив станува благородна, почнува да развива прекрасни особини што се всадени во неа при создавањето. Станува дом Божји, храм на Духот Свет.

Со каква величествена чест е наградена душата! Чистите и безгрешни ангели не се создадени да бидат храм на Духот Божји, туку душата на човекот! Тоа ѝ е од Бога дарувано. Затоа и е должна да Му се потчини на Бога, бидејќи е предодредена да биде Негов жив, неракотворен храм. Човекот не е храм Божји од самото раѓање. Тој станува тоа само тогаш кога Светиот Дух ќе ја освети душата со Светото Крштение, и ќе ја посети во Светата Тајна Миропомазание.  

Душата станува место на пребивање на Духот Божји само тогаш кога ќе се потчини на дејството на тој Дух, предавајќи се на Неговото раководство, и така самата плодотворно и спасоносно ќе раководи со телото. Бог секогаш живее во душата, освен кога ние со гревовите ќе се оддалечиме од Него, Он во грешната душа не престојува.    

Бог сака да живее во човековата душа, вели свети Теофан Затворник, но Он не влегува насилно во душата, иако е Семоќен Бог, бидејќи поради љубовта Своја не сака да ѝ ја наруши даруваната власт над себеси. Не се вселува во душа во која што владее плотта, бидејќи органот на Неговото општење со душата е самиот дух. Кога душата со својата слободна волја ќе изрази желба да Му се приближи на Бога, тогаш и Бог ја пресретнува и ги одухотворува и душата и телото, целиот човек, и внатрешниот и надворешниот.   

Бог станува „сѐ во сѐ“ во одухотворениот и обожен човек. „Ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23). Царството Божјо затоа и доаѓа по внатрешен, невидлив пат во душата.

И во Стариот Завет Бог им говореше на пророците: „Ќе се вселам во нив... и ќе им бидам Бог!“... Ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“ (3. Мој. 26, 12; Јерем. 3, 19).

Светиот Дух пророкуваше за времето кога Бог ќе се всели во бесмртната човекова душа, кога ќе стане Отец на душата, а душата – чедо на својот Отец Небесен. Ова се исполни со доаѓањето на Синот Божји на земјата.

„Царството Божјо е внатре во вас“, токму во душата, кога малото зрно посеано во душата ќе порасне со напорот на волјата, човекот живее со Христовиот живот на земјата – тогаш Господ со Својата творечка сила го обновува човекот, а семето расте брзо, брзо, чистејќи го сето она што непријателот го посеал во душата. Класот на душата зрее и се исполнува со силата Божја, а душата се исполнува со силата на благодатта – а Самиот Господ е создател на новиот живот.

Сѐ зависи од способноста на душата духовно да расте. Предназначеноста на душата не е само да ја сочува од Бог даруваната светост, туку со животворната сила да ги оживее сите сетила што се инструменти на дејствувањето на душата, да го потчини телото на духот, да ги умртви плотските страсти, телото да го просветли со Духот и да го направи храм Божји.

Душата во која се вселил огнот на љубовта Божја наликува на птица што лета нагоре, кон Својот Бог устремена, со Кого што сака да се сретне на Небото. Силата Божја ја опфаќа таквата душа и ја загрева со желбата за духовен живот. Затоа душата мора да биде трезвена и разумна – за да знае да разликува што е корисно и потребно во делото на спасението. Умната и благородна душа се познава и по надворешниот изглед, одот, гласот, насмевката, држењето на телото, односот кон ближните.

И на телото му е неопходна благочестивост: на очите, ушите, рацете и нозете – каде одат, што работат, како да гледаат, што да слушаат – бидејќи душата мора да расудува мудро и за постапките на телото, коешто исто така е храм Божји.

Секоја христијанска душа од своето духовно раѓање има свој призив, и таа е должна владеејќи со телото да ја исполни Божјата предназначеност. Телото зема учество во животот на душата, и тоа исто така е обврзано да ја издигнува физичката страна на животот на повисоко ниво, во борбата со гревовите и страстите.

Преподобен Антониј Велики вели дека душата во телото поминува низ три периоди:

1)    Почетен степен на вера;

2)    Растење во верата;

3)    Совршенство во верата.

Напредокот на секој степен зависи од душевната состојба и настроение. Душата е должна да создаде благопријатна атмосфера погодна за раст од сила во сила, од слава во слава. Во поодговорната и посовесна душа нема место за зло.

Душата, иако разумна и мисловна сила, има потреба од раководство од Светиот Дух на подвижничкиот пат. Духот е душа на душата, зашто ѝ помага своите помисли и желби да ги восогласи со волјата Божја. Како што телото без душата не може да биде во хармонија со сите свои членови, така и душата без благодатта на Духот не може да ја оствари својата богоугодна цел.

Душата во која што нема благодат е мртва за Бога. Човечката природа без благодатта не може ниту да мисли ниту да твори нешто достојно за Царството Божјо. А душата што е причесник на благодатта, бивајќи самата осветена, го осветува и телото, соопштувајќи му ја волјата на благодатта.   

Кога душата и телото за време на земниот живот живеат богоугодно, Бог ја осветува таквата душа при излезот од телото, а телото прима нетленост, слично на душата. И како што душата во телото претрпела неволји и страдања и жалости, така и во вечниот живот телото соединето со душата ќе биде учесник на блаженства и радости.

Свети Јован Кронштадски рекол: „Долго време не знаев колку ѝ е неопходно на душата укрепување од Светиот Дух. А сега Многумилостивиот ми даде јасно да спознаам колку тоа е миговно неопходно, сиот живот, со молитвено повикување, како дишење“.

Без укрепувањето од Светиот Дух нашата душа е подложна на грев, што значи и на духовна смрт; таа е раслабена, нема сила во борбата со гревот, станува немоќна да твори добро. Без присуство на Духот Свет во срцето, тоа станува подложно на злото и неповратно тоне во бездната на злото. Затоа, нашето срце треба да стои на тврд камен – а тоа е Светиот Дух. Светиот Дух ја загрева душата со љубов кон Бога, доведува во неа светли и благи мисли, ја утврдува во благословениот труд, дава потребно трпение со леснотија да ги поднесе сите неволји; ја вознесува до состојба на духот во која што сите луѓе ги почитува како оние во коишто е образот Божји – нѐ соединува во љубовта и нѐ учи да се молиме едни за други.   

Не само што ни е потребна помошта на Светиот Дух туку должни сме и да ѝ помогнеме да се украси во нас со нераспадлива убавина, со која што душата застанува пред Бога. Убавината на душата е во смирението, чистотата, трпението. Во делата на љубовта. Во животот не постои ништо страшно освен вечната погибел на душата! Преподобен Варсануфиј им говорел на оние што му барале совет: „Деца мои! Спасувајте ги своите бесмртни души!“

 

Архимандрит ЈОВАН Крестјанкин