Философија на прогресот (втор дел)
 
 
 
 
 

Философија на прогресот (втор дел) (11.06.2015)

Господа, соочете го проблемот за смртта со која било философија, стара или нова. Гледајте, сета логика на сите философии се слева во еден принцип: категориите на човечкото мислење ја докажуваат невозможноста за победа над смртта; смртта е логична последица на трошноста на човековото битие, затоа смртта е неизбежна неопходност... Ваквиот одговор ме поттикнува на прашањето: како философијата може да му даде смисла на човековиот живот, кога така го решава кобниот проблем за смртта? Всушност, разните философии не се ништо друго освен аритметика на песимизмот. Кога човек од ивицата на гробот го набљудува светот, тогаш ниту една философија не може да ја заслади горката тајна на смртта.

            Соочете го проблемот за смртта со европската хуманистичка култура. Многу работи наивната европска култура ги окрилила со надеж. Но слаби се тие крилја за да може да го издигне човекот над смртта. Смртта немилосрдно ги сосекува во корен. И културниот човек се чувствува трагично немоќен пред страшниот факт на смртта. Застани на ивицата од гробот и измери ја културата на вагата на својата совест; гледај, полесна е од ништо. Пред смртта таа се свива во згрчена нула. Смртта полека ги нагризува сите нејзини текови и ги втиснува во својот мрачен амбис. Зарем културата што не е во состојба да ја победи смртта, во самата суштина претставува сила што многумина ѝ ја припишуваат? Каква корист од тоа што човекот е културен, културен во воденицата на смртта, која што денес – утре ќе го сомеле и него и неговата култура?

            Ставете го проблемот на смртта пред нехристијанските религии. Сите тие се мачат со него; и решавајќи го, тие или го заобиколуваат, или го негираат, или го прескокнуваат. Најкарактеристични од нив се: браманизмот и будизмот. За браманизмот смртта е како и сиот видлив свет: Маја, измамлива реалност, небитие, неегзистенција. Проблемот за смртта спаѓа во некој вид самонаречена реалност, која треба да се надмине со силата на волјата своја. Сиот видлив свет е – изложба на привиденија, кои се изродуваат во нереални фантоми. – Решавајќи го на таков начин проблемот за смртта, браманизмот не го решава, туку го негира. А будизмот? Будизмот е полнолетство на очајанието; тоа не е само философија, туку и религија на песимизмот. Тајната на небитието е попријатна од горката – прегорка тајна на битието. Смртта е ослободување од оковите на ова страшно чудовиште што се нарекува свет. Зад смртта – блаженството е нирвана. – Така, будизмот не го решава, туку го прескокнува проблемот за смртта; не ја победува смртта, туку очајно ја проколнува. На сличен начин и другите религии не претставуваат ништо друго освен банкрот пред проблемот за смртта.

            Господа, вредноста, вистинската вредност на секоја наука, секоја философија, секоја религија, секоја култура ќе ја пронајдете ако ги прочитате во контекст со смртта. И преку науката, и преку философијата, и преку многубројните религии човекот се обидува да ја победи смртта, и никако не успева... Човекот е сам, а околу него подмолно ќути безбреговниот океан на смртта... Заробен од смртта, човекот рика од воздишките на срцето свое, и никој да му одговори, никој од луѓето, никој од боговите. И ако нешто промумла науката, или философијата, или културата, сето тоа е слаба наркоза што никако не може да го успие ужасот на смртта на пробудената душа човечка. Погледнете, човекот и човештвото никаде од проклетата воденица на смртта. Нашата тмурна планета има и вишок центрипетални сили за сѐ што е смртно, па и за човекот. Сиот електрицитет на болката, на ужасот, трагичноста се собира во еден гром, гром на смртта, против кој нема громобран. Смртта е врховно зло, кое ги синтетизира сите зла; врховен ужас, кој ги синтетизира сите ужаси; врховна трагедија, која ги синтетизира сите трагедии. Пред тоа врховно зло, пред тој врховен ужас, пред таа врховна трагедија изумира во немоќ и очајание сиот дух човечки и сиот род човечки... Прогрес? О та што е секој човечки прогрес, ако не прогрес кон смртта, прогрес кон гробот? Сите прогреси во воденицата на смртта завршуваат со смрт.

            Господа, целата дејност на родот човечки низ историјата сведочи и тврди едно: за човекот е невозможно да ја победи смртта. Но, ако тоа е последниот и завршен заклучок, зошто тогаш да се живее? Зошто да се создава историја, да се учествува во неа, да се ломи по неа? Историјата на родот човечки, која е немилосрдна, тиранска диктатура на смртта, не е ли потсмев над човечкото битие и неговиот прогрес? Да не се залажуваме: смртта е триумф на тиранијата и трагичноста, и оф – пир на иронијата и комичноста... Бедно и комично е да се биде човек, кога му е судено да живее во воденицата на смртта, гледајќи како таа немилосрдно меле човек по човек, генерација по генерација, и чувствувајќи како и него самиот постепено го меле сѐ додека целосно не го сомеле... За несреќното и исмеано битие што се нарекува човек е невозможно, апсолутно невозможно да ја победи смртта. Тогаш што да се прави? Има ли излез? – Да, има. Она што е невозможно за човекот се покажало можно за само едно битие во сите светови. За Кого? – За Богочовекот Христос. Богочовекот Христос ја победил смртта. Со што? – Со Своето Воскресение. И со таа победа го решил проклетиот проблем за смртта; го решил не теориски, не апстрактно, не агриористички, туку со настан, со искусување, со факт, со историски факт на Воскресението Свое од мртвите.

            Господа, нема настан, не само во Евангелието, туку и во историјата на родот човечки, кој така силно, така убедливо, така непорекнувачки посведочен како Воскресението Христово. Во целокупната своја историска стварност и моќ, христијанството е основано на фактот на воскресението Христово. Со својата сепобедна сила тоа се наметнало како центар на христијанството. Ако христијанството може да се сведе на еден настан, тогаш тој настан е – Воскресението Христово. Ако христијанството има почеток во времето, тогаш тоа не почнува од Витлеем, туку од Воскресението. Темел на христијанството е Воскресението Христово. Тоа е основен факт; ако не се почне од него, не може да се одгатне таинствената личност на Исус Назареецот. Со Своето Воскресение Господ Христос се објаснил Себе на светот, Својата Богочовечка личност. До Воскресението Свое тој ги учел луѓето за победа над смртта, но дури со Воскресението ја победил смртта и на луѓето им дал сили и тие да ја победат смртта и во душата и во телото свое. Со еден збор: целокупното учење Христово дури во Воскресението Негово ја добива својата опитна, експериментална потврда и објаснување.

            Без Воскресението Христово, христијанството апсолутно не може да се објасни. Ве молам, со што ќе ја објасните неустрашивата проповед на Апостолите за воскреснатиот Христос, оние Апостоли кои, поразени и исплашени од голготската смрт Христова, кукавички се разбегале од Него? Со што ќе ја објасните, со што? – Единствено со Воскресението Христово. Ако Христос умрел, но не и воскреснал, со право прашува свети Златоуст – кој би се осудил да Го проповеда како Бог и Спасител? Кој би тргнал по Него, кој во смрт за Него би отишол? Ако Христос не воскреснал, кој би ги воодушевил Апостолите, тие немоќни очајници и преплашени бегалци, да проповедаат еден мртовец; и каква награда би можеле да очекуваат од мртовец, каква чест? Та тие побегнале од Него жив штом Он бил фатен; а после смртта Негова зарем тие би можеле да стојат онака смело за Него, ако Он не воскреснал? Не, не! Тие не можеле, ниту, пак, смееле да го измислат Воскресението Христово ако тоа не се случило. Многупати Спасителот за време на животот Свој им зборувал за Своето Воскресение, но тие ништо од тоа не разбирале. Затоа, ако Христос не воскреснал, тие, гонети од целиот народ, протерувани од град во град, најпосле би морале да се откажат од Него и би престанале да шират гласини за некакво Воскресение Негово. Ако Воскресението Христово навистина не се случило, туку го измислиле Апостолите, на што би можеле тие да се потпрат  проповедајќи една таква измислица? Дали во силата на своите зборови? Та тие биле многу неуки луѓе. Дали во богатство? Та тие немале ниту торба, ниту стап, ниту обувки. Дали во важноста на потеклото? Та тие биле сиромашни, и родени од сиромашни. Дали во знаменитоста на родното место? Та тие доаѓале од непознати села. Дали во својата многубројност? Та тие биле сѐ на сѐ единаесет. Дали во ветувањата на Учителот? Но, ако Он не воскреснал, тогаш ни другите ветувања Негови не би биле веродостојни за нив. И како тие би можеле да го скротат народниот бес? Кога храбриот Петар од страв се одрекол од Христос пред една слугинка, и сите други, видувајќи Го врзан, кукавички се разбегале, како тогаш би смееле да помислат да одат во сите краишта на светот и насекаде да ја всадуваат измислената проповед за Воскресението? Кога еден се исплашил од една слугинка, а другите и од самиот поглед на јажето, како тогаш можеле да се одржат пред цареви, владетели и народи, каде што се мечеви, вжарени казани, усвитени печки, безброј видови секојдневни смрти, како, ако не така што со божествената сила Своја ги крепел воскреснатиот Господ Христос? Да, да, сето тоа го правела силата на воскреснатиот Богочовек.

            Но, без Воскресението Христово не би можело да се објасни не само Апостолството, туку и мачеништвото на Мачениците, ниту исповедништвото на Исповедниците, ниту светителството на Светителите, ниту чудотворството на Чудотворците, ниту верата на верните, ниту љубовта на тие што љубат, ниту надежта на тие што се надеваат, ниту кој било христијански подвиг. Ако верата христијанска не е вера на воскреснатиот, и затоа вечно живиот и животворниот Богочовек Христос, кој низ толку векови би воодушевувал милиони и милиони луѓе на вера во Христос, на љубов кон Него, на живот во Него, и би ги водел низ светите добродетели и подвизи? Со еден збор: ако не било Воскресението Христово, нема да имало христијанство; Христос би бил првиот и последниот христијанин кој издивнал и умрел на крст, а со Него и Неговото учење и Неговото дело. Тогаш би биле вистинити зборовите на несреќниот Ниче: „Првиот и последниот христијанин е распнат на Голгота“.

Преподобен Јустин Ќелиски