Во срцето се наоѓа неизмерна длабочина
 
 
 
 
 

Во срцето се наоѓа неизмерна длабочина (26.06.2015)

1. Во срцето се наоѓа неизмерна длабочина. Во него постојат соби за прием и спални соби, врати и тремови, многу работни соби и ходници. Во него се наоѓа работилницата на праведноста и на гревовноста. Во него се наоѓа смртта, во него е животот. (...) Срцето е Христовиот дворец. (...) Таму Царот Христос доаѓа за да отпочине, со ангелите и духовите на светителите, и Он таму пребива, одејќи внатре во срцето и сместувајќи го таму Своето Царство.

2. Срцето е само мал орган; а, сепак, таму има змејови и лавови, отровни суштества и сите ризници на гревовноста; таму има опасни, нерамни патишта и длабоки провалии. Таму е и Бог, таму се ангелите, таму е животот и Царството, светлината и Апостолите, небесните градови и ризниците на благодатта: сите работи се таму.

3. Ако некој Го љуби Бог, тогаш и Бог му ја соопштува Својата љубов. Кој еднаш ќе поверува, тогаш Бог му ја придодава небесната вера, и човекот станува двоедно битие. Како што ти од своите членови ќе Му принесеш, така и Он од Своите сопствени членови ќе ѝ даде на твојата душа, па сѐ што правиш, и кога љубиш и кога се молиш, да правиш чисто. Големо е достоинството на човекот. Погледни колку се силни небото и земјата, сонцето и месечината; но Господ не благоволил во нив да почива, туку само во човекот. Значи, човекот е поскапоцен од сите создадени твари – ќе се осмелам да кажам, не само од видливите туку и од невидливите, од духовите што Му служат. Он не рекол за архангелите Михаил и Гаврил: „да [ги] создадеме според Нашиот образ и подобие“ (1. Мој. 1, 26), туку за духовната суштина на човекот, односно за неговата бесмртна душа.

4. Некогаш, еднаш и засекогаш биле устроени сонцето, месечината, земјата. Но Господ не благоволил да почива во нив, иако тие не можат да ја променат состојбата во која што биле создадени, и немаат волја. Но ти заради ова си создаден според образ и подобие Божјо, зашто како што Бог е слободен и прави што ќе благоволи – и ако Му е угодно, има власт праведниците да ги прати во пеколот, а грешниците во Царството, но не избира да го направи тоа, ниту, пак, се согласува со тоа, зашто Господ е праведен судија – така и ти си слободен, па ако одбереш да се упропастиш, твојата природа е способна да се менува. Ако сакаш да искажеш хула, да направиш отров, да убиеш некого, никој не ти се противи и не ти брани. Кој сака, Му се покорува на Бог и оди по патот на правдата, и владее со своите желби. Нашиот ум е рамномерно урамнотежен и има сила со непоколеблива мисла да ги совлада поривите и гнасните желби.

5. Има многумина кои, и покрај тоа што благодатта е со нив, без да забележат се измамени од гревот. Како што во некоја куќа живее некоја млада жена, а исто така и некој млад маж, па жената, прелажена од мажот, најпосле се согласи со него – прави прељуба и го губи својот углед, така и страшната змија на гревот секогаш е со душата, ја соблазнува и ја убедува, и ако таа се согласи, бесплотната душа влегува во општење со бесплотната злоба на тој дух, односно духот општи со дух, па тој што ќе се согласи и ќе го прими предлогот на лукавиот, прави прељуба во своето срце. Според тоа, ова е мерката на твојот подвиг: да не го правиш овој престап во мислите, туку да пружаш отпор со умот и однатре да се спротивставуваш, да се бориш со гревовната помисла и да не се согласуваш, да не се насладуваш со неа. И ако Господ ја затекне оваа готовност во тебе, во последниот ден ќе те земе кај Него во Неговото Царство.

6. Господ така устројува некои работи за да не ја остави непосведочена Својата божествена благодат и Својот повик; а некои други работи ги устројува, по допуштање, за човекот да биде испитан и да може да се извежба, за да се пројави неговата слободна волја. Ако издржат тие што се во маки и искушенија, не се лишуваат од Царството Небесно. Затоа, кога христијаните се во некоја мака, тие не тажат и не се јадосуваат. Ако се испитуваат со сиромаштија или страдање, тие не треба да бидат изненадени, туку да ѝ се радуваат на сиромаштијата и да ја сметаат за богатство, а постот за празник, бесчестието и срамот – за слава. И обратно, ако се сретнат со нешто што во овој живот се смета за славно и тоа ги привлекува кон плотско успокојување, или кон богатство, или кон слава, или кон раскош, тие не треба да се насладуваат со такви работи, туку да бегаат од ова како од оган.

 

свети Макариј Велики