Патот до непрестајната молитва (14.07.2015)
Човековото срце е центар на натприродно, природно и противприродно движење. Сѐ почнува од срцето. Ако човековото срце е очистено, човекот Го гледа Бог.
Меѓутоа, на кој начин можеме да Го видиме Бог? Може ли Бог да има човечки облик? Не, се разбира дека не! Бог е невидлив, Бог е Дух. Меѓутоа, Он може да загосподари во срцето на човекот кога тоа ќе стане сад способен да Го прими Бог. За срцето на човекот да стане сад способен да Го прими Бог, најнапред мора да биде очистено од нечистите помисли. Но, за да се очисти срцето, во него мора да се внесе одреден лек. Тој лек е молитвата.
Таму кај што ќе згазне царот, непријателот се протерува. А кога Христос – или попрво, Неговото свето Име – ќе влезе во срцето, фалангите на демоните почнуваат да бегаат. Кога Христос е цврсто востоличен внатре, тогаш сѐ Му се покорува. Тоа е како кога некој добар цар ќе ја освои земјата и ќе биде востоличен во престолнината. Тогаш, со својата армија тој ги протерува сите востаници. Со други зборови, тој ги протерува непријателите и ги смирува внатрешните нереди. Тогаш настанува мир. Царот седи на својот престол и гледа дека сѐ Му е потчинето. Тогаш тој се радува и се насладува, зашто гледа дека неговиот труд и борбата завршиле и ги донеле послушноста, мирот и сите сакани резултати.
Така се случува и со царството на нашето срце. Тоа внатре во себе има непријатели, има востаници; тоа има помисли, има страсти и слабости, бури и немири – и сето тоа се наоѓа во човечкото срце. За да може царството на човековото срце да се смири и потчини, Христос, Царот, мора да влезе со Своите војски и да го освои и да го протера непријателот, т.е. ѓаволот. Он мора да го потчини секој немир што потекнува од страстите и слабостите и да завладее како семоќен цар. Состојбата што ќе произлезе оттаму светите Отци ја нарекуваат „безмолвие на срцето“ – и со него тогаш непрекинато владее молитвата, творејќи ги чистотата и ’тивкото срце‘.
Постојат повеќе начини на извршување на молитвата. За да ја достигнеме својата крајна цел, на почетокот мора најпрво да ја кажуваме молитвата со усните. Овој метод е неопходен бидејќи умот на човекот се наоѓа во непрестајно движење. Со оглед на тоа дека не се движи во склад со природата – како што би требало да прави, туку често е злоупотребуван поради нашата рамнодушност, тој скита по цел свет и застанува кај разнолични наслади. Понекогаш се насладува со плотски помисли и ужива во нивните сласти. Другпат се насладува со други страсти, а понекогаш незаинтересирано лебдее ваму-таму. Каде и да отиде, каде и да застане, тој се наоѓа во некаков вид наслада.
Според тоа, човекот што има намера да достигне „непрестајна молитва“ (Сол. 5, 17) мора да го собере својот расеан ум – скитник што навраќа во секаков свиок – за да си го устрои и уреди. Но, за да си го собереме умот, мораме да му понудиме нешто сладосно, зашто тој, како што рековме, наоѓа задоволство и наслада во скитањето натаму-наваму. Од таа причина, на почетокот молитвата треба да ја изговараме усно.
Почетникот што се учи на Исусоват молитва мора да започне така што со устата ќе изговара: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Тој мора да вложи напор за да го одвлече својот ум од овоземните нешта. Звукот што излегува – звукот на неговите зборови – ќе го привлече умот да обрне внимание на зборовите на молитвата, и на тој начин, малку по малку ќе се привикнува да биде собран наместо расеан. Се разбира дека напорот, вниманието, намерата, ревноста и постојаното трезвено чување на целта кон која што тежнееме, односно непрестајната молитва – ќе ни помогнат да го собереме својот ум.
Кога ќе ја кажуваме молитвата на овој начин, таа со време во нас ќе почне да предизвикува извесно задоволство, извесна радост, мир, нешто духовно што порано не сме го поседувале. Малку по малку, тоа ќе го привлече умот. Како што ќе напредува и ќе го привлекува умот внатре, усната молитва ќе почне да му дава слобода на умот самиот да ја кажува молитвата, без учество на усните, односно ќе почне да донесува плод. Подоцна, кога молитвата кажувана некогаш со усните, а некогаш со умот, лека полека ќе почне да ја освојува душата. Кажувајќи ја молитвата, умот влегува во срцето и човекот гледа како неговото срце ја изговара молитвата. (...) Умот треба едноставно да се смести во местото на срцето, а ние не треба да си го замислуваме срцето, зашто ако го замислуваме, постепено ќе влезе прелеста и ќе се молиме со фантазирање.
Молитвата нема опасност од прелест кога таа се извршува без расеаност, без облик, со едноставен ум, без никакви облици или претстави. Умот мора да биде чист од какво било божествено или човечко фантазирање. Не смееме да си Го замислуваме Христос или Пресвета Богородица, или што било друго. Само умот треба умствено да биде присутен во срцето – ништо друго. Тој треба да се погрижи само да биде внатре. Срцето треба да ја твори молитвата како мотор, а умот треба да ги следи зборовите на молитвата само како набљудувач. Ова е непрелесниот пат на молитвата.
Кога го практикуваме овој метод, на почетокот ќе наидеме на одредени тешкотии, но потоа ќе пронајдеме ширина, висина, длабочина. Прво, ќе дојде еден вид радост измешана со болка. Потоа, постепено ќе дојде радост, мир, спокој; и кога умот еднаш ќе почувствува наслада, нема да може да се оттргне од неа. Ќе седиме или ќе стоиме во еден ќош, со наведната глава, и со саати нема да сакаме да се оттргнеме од молитвата. Можеме да седиме таму еден, два, три, четири, пет, шест часа заковани за местото, без да сакаме да станеме и без умот да ни заскита. (...) Со други зборови, се создава еден вид заробеност во молитвата. Овој метод на молитва е многу ефективен. Најпрво ќе донесе нерасеана молитва; ќе донесе мир и радост. Истовремено, ќе донесе бистрина на умот и солзи на радост. Умот ќе почне да прима созерцанија. Потоа, ќе создаде апсолутно безмолвие на срцето. Човек ништо нема да слуша. Ќе си мисли дека се наоѓа во пустината Сахара. Истовремено, молитвата ќе ја изговара позабрзано. Можеби ќе сака да ја кажува брзо или, пак, бавно. Треба да ја изговараме молитвата како што ѝ е угодно на душата во тој момент.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски