Писма за христијански живот
 
 
 
 
 

Писма за христијански живот (28.10.2015)

1.    За солзите

Постојат солзи (кои доаѓаат) од слабоста на срцето, од големата мекост на карактерот или од болест, а некои луѓе самите се присилуваат на плач; меѓутоа, постојат и благодатни солзи.

Вредноста на солзите не се одредува според водата што истекува од очите, туку според тоа што се случува во душата пред и после нив. Бидејќи ја немам благодатта на солзите, не се осудувам да расудувам за нив; само сметам дека благодатните солзи се поврзани со многу промени во срцето. Главно, срцето тогаш треба да пламти во огнот на судот Божји, но без болка и изгорување, туку, напротив, со умиление што надежта го принесува од престолот на милостивиот Бог Кој го осудува гревот, но го милува грешникот. Исто така, мислам дека овие солзи би требало да дојдат пред крајот на подвигот – не оној надворешниот, туку подвигот на очистување на срцето, како последно измивање и испирање на душата. Освен тоа, тие не траат еден час, не траат еден или два дена, туку со години[1]. Исто така, кажуваат дека постои и плач на срцето без солзи, но подеднакво вреден и силен како солзите. Овие вториве се подобри за оние што живеат меѓу други луѓе, зашто инаку би можеле да ги видат. Сѐ устројува Господ Кој сѐ спасува.

 

2.    За лебдењето на умот

Колку е добро што Господ Ве довел во манастир, и тоа уште каков – кај Мајката Божја! Сега добро може да процените зошто на монасите не им е досадно или, општо, на оние што се приближуваат кон домот Божји. Таму ангелите Божји делат духовни сладости за да ги примамат на тесен и тегобен пат. Во тоа е и сета сила. Сладоста и утехата како да се нешто туѓо. Меѓутоа, како што сме слаби, тие нѐ привлекуваат. Египјаните пред излегувањето од Египет јаделе јагнешко, а на што наишле во пустината? Секој мора да ја помине оваа пустина за да стигне до Ветената земја. Сѐ устројува Господ. Нам ни е потребно да се молиме: „Господи, како знаеш и умееш, спаси ме“. Тоа сѐ уште не е дело, ниту, пак, почеток на дело. Почеток е кога стравот Божји почнува да крши коски. Тоа не е метафора, туку дело. За ова молете се: „Стравот Твој, Господи, всади го во срцето мое“.

Нашиот ум по природа е жив. Суетата го обременува. Кога постепено ќе ослаби тој јарем, умот почнува да лебди наоколу, да ја обиколува целата земја; сѐ гледа, сѐ сфаќа и лесно му е. Во тоа нема ништо лошо, но нема ниту голема полза. Таа птичка-ум би требало да се затвори во кафез и да му се рече: еве, седи тука и пеј тоа и тоа, а да леташ ваму-таму не смееш, зашто некој јастреб ќе те зграпчи.

Во светот не постојат случајности. Сѐ му се покорува на движењето на раката Божја.

 

Свети Теофан Затворник



[1] Така кажува свети Исак Сирин.