Луда љубов
 
 
 
 
 

Луда љубов (01.11.2015)

Оној што одбрал да живее во Христос, треба да се сплоти со тоа Срце и таа Глава (зашто од друго место нема ни живот). А ова не е можно без да се посакува истото што и Он. Оттука, неопходно е, онолку колку што се во состојба луѓето, да се подвизуваат во насока на Христовата волја и умисла, та да се подготвуваат да го посакуваат истото со Него, а на истото и да му се радуваат. Впрочем, невозможно е во едно срце да постојат заемно спротивставени желби. Кажано е: „Лошиот човек од лошото сокровиште на срцето ништо друго не умее да изнесе освен лошо, а добриот, пак, добро“ (види: Лука 6, 45). Понатаму, за верните во Палестина, бидејќи биле со истоветна желба, речено е: „беа со едно срце и душа“[1], па на ист начин, доколку некој не Му е причесник на Христос во волјата, но почне да го порекнува она што Он го повела, тогаш таквиот животот не си го устројува според она Срце, но јасно е дека се приврзал за некое друго срце. Наспроти ова, Он го најде Давид да биде според срцето Свое, бидејќи тој и самиот вели: „заповедите Твои не ги заборавив“[2]. Но како што не е можно да се живее без да си сврзан со она Срце, така не е возможно да си сврзан со Него ако не го посакуваш истото. Значи, за да можеме да живееме, да испитаме сега како можеме да го посакуваме истото со Христос, а и како да постигнеме да се радуваме на истото на коешто и Он се радува.

            Почеток на секое дејание е желбата, а на желбата – помислата. Затоа, да се обидеме, пред сѐ, да го оттргнеме окото на душата од суетните нешта, та постојано срцето да ни е исполнето со добри мисли, за, бивајќи празно, никогаш да не им даде место на лукавите. Иако има многу нешта што можат да претставуваат предмет на согледување и работа за душата, како и наслада и занимавање за умот, сепак, најсладосно и најполезно за зборување и размислување е словењето за Таинствата и богатството што го имаме; но, исто така, и за тоа што бевме пред да бидеме осветени, и што станавме, откако се осветивме: какво било претходното ропство, а каква е сега царственоста; кои блага веќе ни се дадени, а кои допрва нѐ очекуваат; но пред сето тоа, кој ни е Дародавецот на сето тоа и колкава е Неговата убавина, каква Му е добрината, та како го возљуби родот наш и колку голема е љубовта Негова. Кога овие работи првин ќе завладеат со умот, па и душата ќе ја обземат, не е лесно за помислата да се загледа кон друго или за желбата да се пренасочи кон нешто поинакво, зашто прекрасни се тие и привлечни. Имено, Неговите благодејанија се пренадмоќни по бројноста и величието, а вљубеноста, што ги произвела, е толку голема што човечките помисли не се во состојба ниту да си ја претстават.

             Слично како што вљубеноста ги внесува вљубените во истапување, кога ќе ги обземе, бивајќи посилна од оние што ја имаат, на ист начин и љубовта Го испразни Бог[3]. Зашто Он го повика при Себе робот, кого го возљуби, не останувајќи на Своето место, туку Самиот лично слезе да го побара. Така, Богатиот дојде до колибата на оскудниот, та Сам приоѓајќи, ја произнесува воскопнеаноста и бара да Му се возврати, а кога е презрен, не отстапува и на дрскоста не се разгневува, па дури и кога е бркан, чека пред дверите[4] и прави сѐ за да покаже дека љуби – страдање поднесува и умира.

 

 

свети Никола Кавасила

 

 



[1] Дел. 4, 32.

[2] Пс. 118, 16.

[3] Види: Фил. 2, 7.

[4] Види: Отк. 3, 20.