Свети Теофан Затворник: По Богојавление
 
 
 
 
 

Свети Теофан Затворник: По Богојавление (20.01.2022)

На ден Богојавление, на дело е покажано дека домостројот на нашето спасение се совршува од Господ Исус Христос, со благоволение на Отецот, со содејство на Светиот Дух. Сега словото на апостолот ни укажува на тоа дека и спасението на секој посебно не се случува поинаку, туку со дејството на Пресветата Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух: „по провидението на Бога Отецот, преку осветувањето од Духот за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа“ (1 Петр. 1, 2). Гледајќи го оној кој е подготвен да поверува, Бог Отецот го сретнува со Своето благоволение и го повикува на спасение со благодатта на Светиот Дух. Откако го повикал кон верата оној кој поверувал и откако го закрепнал во неа, Светиот Дух во тајната на Крштението го причестува со Крвта на Господ Спасителот. Откако така стекнал влез во него, Тој го исполнува и му помага на патот на неговото спасение. Поради тоа треба да ја восфалуваме, воспеваме и возвеличуваме Пресветата Троица, благиот Устроител на нашето спасение, и од своја страна да ја вложиме сета ревност, итајќи да се украсиме со сите добродетели, според образот на Оној Кој нѐ создаде, и нѐ обнови, за да не се покажеме бесплодни за познанието на Господ и за во себе да не го затвориме влегувањето во Неговото Вечно Царство, во кое сме повикани (2 Петр. 1, 5; 8, 11).

 

Сабота по Богојавление

Апостолот ги облекува христијаните во сеоружјето Божјо (Еф. 6, 11). Ова е во согласност со минатата поука. Оти, оној кој откако го слушнал Божјиот повик го започнал почетокот на новиот живот, и со помош на благодатта Божја од своја страна ја принесува сета своја ревност, го очекува борба, а не почивање на душеци. Тој го оставил светот и светот поради тоа ќе почне да го притеснува; тој се оттргнал од власта на ѓаволот и ѓаволот ќе го гони и ќе му поставува стапици за да го оттргне од добриот пат и повторно да го врати под своја власт; тој се одрекол од себе, се одрекол од сопственоста со сето мноштво страсти, но гревот кој живее во нас не престанува одеднаш да се раздели од животот во самоугодување (...) Поради тоа, апостолот го вооружува христијанинот против гревовите. Бидејќи, зборува, не војуваме против крвта и телото, туку против поглаварствата, и власта, и господарите на темнината на овој свет, против духовите на злобата во поднебесјето (Ефес. 6, 12). Оти, кога би ги немало нив, можеби ни борба не би имало. Исто така, ако тие бидат одбиени и поразени, ние остануваме без непријатели. Затоа, секој нека види каде треба да ги нацели своите стрели, или во краен случај, од која страна треба најмногу да се чува. И нека се чува! Апостолот наведе неколку орудија. Меѓутоа, сите тие имаат сила само во Господа. Поради тоа, опитните духовни борци ни пренесоа: Со името на Господ Исус победувај ги противниците.

 

Недела по Богојавление

Вчера, апостолот го вооружи христијанинот кој стапил на патот на спасението со духовно сеоружје; а сега, заради поткрепа во тешкотиите, укажува на раководителите во тој борбен тек и на последната цел на сето тоа. Раководителите му помагаат на секого кој ќе им се обрати со вера и молитвено обраќање кон Господ. Оти, тие му приоѓаат на Господ, а не на луѓе. А Господ е секогаш подготвен преку овие луѓе да го раководи и вразумува секого кој искрено и со вера бара помош од Него. Светлата и последна цел е – мерката на растот на Христовата полнота, возрастувањето на совршениот човек. Сите знаат што е совршен човек во обична смисла и не може да се најде човек кој не би сакал да постигне такво совршенство. Меѓутоа, никој не знае што е совршен човек во Господ, освен оние кои го постигнале тој раст. Ова, се разбира, на никој не треба да му служи како повод за оладување на ревноста, која е неопходна за постигнување на тој раст, туку напротив, како причина таа да се распламти. Оти, неговото непознавање зависи од височината на духовното совршенство кое се нарекува мажествен раст на животот во Бога. Апостолот го одредува како усвојување на сите полноти на совршенството кое го пројави нашиот Господ Спасител. И од ова секој гледа поради што на овој позив треба да му се пријде со “сета ревност“.

Свети Теофан Затворник