Свети Василиј Велики: Беседа за благодарноста
 
 
 
 
 

Свети Василиј Велики: Беседа за благодарноста (25.01.2022)

Мене, меѓутоа, ми е заповедано да Му заблагодарувам на Бога за сѐ. Зарем да благодарам кога ме мачат, кога ме исмеваат, кога ме растегнуваат на тркало, кога ми ги копаат очите? Зарем да благодарам кога мразителот ми нанесува нечесни удари, кога се смрзнувам од студ, кога ме измачува глад, кога сум заврзан за дрво, кога неочекувано ќе останам без деца, па дури и без жена, кога по бродолом неочекувано ќе го изгубам имотот, кога на морето ќе ме заробат пирати, или на копно разбојници, кога сум во рани, кога ме клеветат, кога ќе осиромашам или кога сум во темница?

Што да одговориме? Ќе одговориме дека апостолот има предвид нешто друго и дека се обидува нашите души да ги одвои од земјата, вознесувајќи до небесниот начин на живот. Апостолот, на пример, беше благодушен во немоќите, во неволјите, во прогонствата (2 Кор. 12, 9) и во немаштијата. Тој се фалеше со својата сиромаштија, наоѓајќи се во глад, жед, студ и без облека, во прогони и тескоби. Апостолот се радува на она за што другите тагуваат и се одрекуваат од животот. Оние кои не се научени на апостолската мисла и кои не разбираат дека Павле н
ѐ повикува на евангелски живот, се осмелуваат да го обвинат дека наводно ни го препорачува невозможното.

Тие, меѓутоа, нека сфатат колку причини за оправдана радост ни даде големата Божја издашност. Ние од небитие сме создадени во битие. Создадени сме според сликата Божја и имаме ум и слово кои ја дополнуваат нашата природа и со кои Го спознаваме Бога. Доколку со нив грижливо ги изучиме убавините на созданието, ние ќе ја познаеме големата Божја мудрост и промисла во сѐ. Ние разликуваме добро од зло и самата природа нѐ учи да го одбираме полезното и да се иставаме од штетното. Бидејќи со гревот се отуѓивме од Бога, повторно сме повикани на блискост со Него, откако со Крвта на Единородниот сме ослободени од нечесно ропство. А што да кажеме за надежта во воскресението, за насладувањето со ангелски добрини, за Царството на небесата и за ветеното богатство кое ја надминува силата на разумот и словото. (...)

Значи, ако некогаш ти се случи нешто непријатно, првенствено среди го својот разум и не се препуштај на збунетоста. Потоа, олесни си ја сегашноста со надеж во иднината. Оние кои имаат болни очи ги одвраќаат погледите од премногу блескавите глетки, смирувајќи ги со гледање цвеќе и зеленило. Ни душата не треба непрестано да гледа несреќа, ниту да се препушта на сегашните неволји. Напротив, таа својот поглед треба да го пренесе на согледувањето на вистинските добрини. Доколку твојот живот секогаш биде свртен кон Бога, секогаш ќе бидеш во состојба да се радуваш, додека надежта за наградата ќе ти ги олесни животните неволји.

Дали си обесчестен? Погледни ја славата на небесата подготвена за трпението. Дали си претрпел губиток: подигни го погледот кон небесното богатство во ризницата која ја собираш со добри дела. Дали си прогонет од татковината? Твојата татковина, меѓутоа, е небесниот Ерусалим. Дали си ги изгубил децата? Имаш ангели со кои ќе се веселиш околу престолот Божји и ќе се радуваш со вечна радост. Доколку на сегашните неволји им го спротивставиш очекуваното добро, ќе ја сочуваш безгрижноста и непоматеноста на душата, на што и нѐ повикува апостолскиот закон. Нека успехот во човечките работи не ти создаде неумерена радост во душата и нека неволјите на жалоста и тескобноста не ја унижат нејзината бодрост и возвишеност.

Доколку не си воспитан на наведениот начин да ги гледаш житејските дела, никогаш нема да живееш без потреси и неволји. Во кажаното лесно ќе успееш доколку со себе ја имаш заповедта која ти советува секогаш да се радуваш, доколку го протераш телесното неспокојство и ги собереш душевните радости, доколку ги надминеш сегашните впечатоци и ја насочиш мислата кон надежта во вечните добра. Оти и самата претстава за нив е доволна душата да се исполни со веселба и во нашите срца да се всели ангелската радост во Исус Христос, нашиот Господ, Кому нека Му е слава во век и веков. Амин.


Свети Василиј Велики