Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Резолуција (12.10.2005)

Архиепископскиот Црковно-народен Собор (АЦНС) на Македонската Православна Црква (МПЦ) на своето редовно годишно заседание одржано во манастирот на Пресвета Богородица во Калиште, кај Струга, на 3 и 4 октомври 2005 година, разгледа повеќе прашања од животот на МПЦ, како и најновите случувања поврзани со МПЦ и донесе повеќе заклучоци, од кои произлезе следнава:

 

 

                                   

Р  Е  З  О  Л  У  Ц  И  Ј  А

 

 

1. АЦНС како највисоко законодавно тело на МПЦ, која е чувар на идентитетот и духовниот интегритет на македонскиот народ, следејќи ги актуелните настани во МПЦ, како и наметнатите состојби од страна на некои сестрински Православни Цркви во однос на нашата Света Црква, како и кон нашата Татковина Република Македонија, сака да се обрати до сиот македонски народ насекаде во светот, како и до верните чеда на МПЦ без оглед на нивната етничка припадност, со пораката Христова: „Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои” (Јован 14,27). Без оглед на сите притисоци коишто ги трпи МПЦ, кои се резултат на несфатлива хегемонистичко-шовинистичка страст присутна во некои црковни и државни структури од соседни цркви и земји.

Однесувањето на истите кон македонскиот народ и древната Охридска Архиепископија е веќе познат однос во еден подолг историски период, МПЦ во актуелниве случувања и постапки, коишто се насочени против нејзиното опстојување и мисија, ги препознава зборовите Христови: „Ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба” (Јован 16,2). 

Духовната ерархија на МПЦ - архиереите, монаштвото и свештенството, се уверени дека својата духовна мисија меѓу својот верен народ ја извршуваат чекорејќи по вистинскиот Христов пат, во согласност со Божјите заповеди и светите Канони на Православната Црква, а потврда за тоа е и вистинската подршка и манифестираното единство на верниот народ на МПЦ, како во Република Македонија, така и во дијаспората. Затоа, нему сакаме да му упатиме порака дека „со нас е Бог“ и, живеејќи со Него и во Него, ќе истраеме и ќе опстоиме во нашата намера да сведочиме смирено за величието на Бога меѓу македонскиот народ како припадници на самостоен црковен субјект, во лицето на нашата единствена Македонска Православна Црква, наследничка и возобновителка на древната Охридска Архиепископија. За единствен, пак, Архиепископ Охридски и Македонски Соборот го признава Поглаварот на автокефалната Македонска Православна Црква.

 

2. АЦНС ги подржува напорите на САС за интезивирање на комуникацијата со другите помесни Православни Цркви во функција на што подобро и поекспедитивно запознавање со актуелните состојби во МПЦ, но и со историските контексти на процесите врзани за животот на МПЦ. Во таа смисла АЦНС предлага сериозна реорганизација во градењето стратегија за единствена политика и начини во водењето на црковната дипломатија. Заради тоа, се предлага:

- Вклучување на компетентни лица и институции во градењето на единствена стратегија за претставувањето на МПЦ врз основа на релевантни докази;

- Печатење на повеќејазични брошури и монографии за вистината и реалноста на МПЦ;

- Печатење на зборници со документи врзани за историјата на Охридската Архиепископија и МПЦ;

- Интезивирање на официјална кореспонденција;

- Лични комуникации со лица и делегации од другите помесни Православни Цркви;

- Поактивно и посеопфатно ажурирање на податоците на интернет страницата на МПЦ и страниците на црковните општини во дијаспората.

 

3. АЦНС ја подржува идејата за остварување на официјална комуникација со владините институции на Република Турција, како легитимен наследник на Отоманската Империја, во врска со документот од 1767 година за укинувањето на Охридската Архиепископија, со барање за негово формално поништување.

 

4. Вознемирени од најавите за можна промена и прифаќање на поинаква формулација од уставната за името на Република Македонија, АЦНС, од името на црковната ерархија и на верниот македонски народ, упатува порака до домашните и меѓународните институции и јавноста, дека нема да се согласи со прифаќање на поинакво име од уставното.

 

5. АЦНС ги поздравува преземените активности и постигнатите досегашни резултати во поглед на минатогодишните заклучоци од потребата за вклучување на Богословскиот факултет на МПЦ во државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и изразува искрени надежи дека овој процес успешно ќе биде завршен во блиска иднина.

 

6. Имајќи ја  предвид точката 4. од Резолуцијата на АЦНС од 2004 година, која се однесува на потребата од воведување на веронаука во основното и средното образование во Република Македонија, АЦНС констатира застој во овие исклучително важни процеси за црковната мисија и апелира до компетентните структури во Црквата за поголемо ангажирање, како и во Државата - за поголемо разбирање за потребите од воведување на верска поука во државните образовни институции.

 

7. АЦНС изразува исклучителна радост за хиротонијата на новите архиереи на МПЦ, како и надеж дека ќе продолжи зголемувањето на бројот во соборот на архиереите на нашата света Црква.

 

8. Разгледувајќи го прашањето за враќање на имотот на МПЦ според Законот за денационализација, по опстојна дискусија АЦНС констатира дека веќе подолг период има застој во овој процес, па затоа МПЦ најенергично и неодложно бара од Советот за денационализација и од Министерството за финансии на Република Македонија забрзано да ѝ бидат вратени имотите на МПЦ. Во таа смисла враќањето на имотите треба да биде третирано како законска обврска, којашто државата треба да ја исполни.

Соборот бара, исто така, да ѝ се вратат на МПЦ и сите сакрални и религиозни предмети: икони, крстови, богослужбени книги и ракописи, свештени и богослужбени сосуди, реликвии итн. Доколку некои од спомнативе свети предмети бараат посебна заштита и грижа, истите можат да останат во просториите на соодветните државни институции, но да биде дефинирана нивната сопственост, односно дека тие се имот на МПЦ.  

 

9. АЦНС уште еднаш апелира до државните институции на Република Македонија и меѓународнита заедница за санирање на последиците од воената криза 2001 година и бара од државата во најкус можен рок да ги возобнови разрушените и оштетени црковни и семејни објекти и што поскоро да овозможи враќање на раселените лица во своите домови, како обврска од Рамковниот договор и како хуман и човечен однос. Соборот, исто така, бара од компетентните инстанци г. Љубе Бошковски и г. Јохан Тарчуловски пред судот во Хаг да се бранат од слобода.

 

10. АЦНС со голема радост и благодарност ја прими веста за признавањето на уставното име на Република Македонија, автокефалната МПЦ, како и посебноста на македонскиот јазик, културата и традициите на македонскиот народ од страна на Сенатот на сојузната американска држава Мичиген, а пред тоа и на сојузната американска држава Илиноис. И при оваа прилика МПЦ искажува благодарност до сите држави, кои ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име. Исто така, упатуваме порака и до останатите држави да го следат ваквиот пример со што на најдобар и најконкретен начин ќе ги покажат своите демократски определби и принципи.

Соборот искажува посебна благодарност до државните и црковните институции во Република Хрватска за помошта и правилниот третман на МПЦ со другите цркви и верски заедници во Република Хрватска.

 

11. АЦНС му предлага на САС на МПЦ, согласно неговите уставни ингеренции, да ја разгеда можноста за доделување Орден на Свети Климент од I (прв) ред на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а по повод четириесетгодишнината од одржувањето на Црковно-народниот собор во 1967 година, како учесник и потписник на одлуките за автокефалност на МПЦ.

АЦНС и во оваа прилика ги поддржува одлуките донесени на претходните собори за возобновување на Охридската Aрхиепископија во лицето на МПЦ, како и определувањето на нејзиниот автокефален статус и во таа смисла искажува благодарност до сите учесници на спомнатите собори.

 

 

                             ПРЕТСЕДАТЕЛ

                                            НА АРХИЕПИСКОПСКИОТ ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР

                                      АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

                                                              г.г. СТЕФАН