Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот на Светиот великомаченик Димитриј (11.11.2005)

 

По повод славата на храмот на Светиот великомаченик Димитриј Солунски - Мироточив, во градската соборна црква во Кавадарци, беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј кој е и Администратор на Повардарската епархија. Во Божествената Литургија зедоа учество и архимандритот Нектариј - игумен на манастирот на Свети Наум во Охрид, протоерејот Томе Јованов - архиерејски намесник во Кавадарци, протоерејот Борислав Лазов - старешина на црквата на Свети Димитриј, протоерејот Димо Марковачев - парох при истата црква, свештениците Мики Миовски и Тане Величковски, протоѓаконите Ратомир Гроздановски, Антонио Дујовски и ѓаконот Борислав Бобевски, секретар на Повардарската епархија, и верниот народ од градот кој притекна да ја отпразнува славата на својот патрон.

На Божествената Литургија Неговата Вископреосветеност г. Тимотеј во ѓаконски чин го ракоположи Мартин Деневски, завршен богослов и студент на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје, кој работи во Повардарската Митрополија во својство на референт.

 

 

На собраниот верен народ со поучно слово му се обрати Неговото Блаженство г.г. Стефан во кое го истакна мачеништвото како голем подвиг во православната вера, за кое, пак, најдобро ни сведочи и споменот и празнувањето на денешниот великомаченик Димитриј, кој со мачеништво ја потврди својата силна вера во Господа Исуса Христа.

По завршувањето на Божествената Литургија архиереите и свештенослужителите извршија Водосвет и го благословија празничниот леб, а воедно се избра и новиот кум за следната година.

За сите свештенослужители, гости и верници, управата на храмот и годинешниот кум приготвија свечена празнична трпеза.