Писмо на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан до Претседателот на Владата на РМ г-дин Владо Бучковски (15.11.2005)
Библиска вистина е дека Македонија е врата во Европа низ која, доаѓајќи кај нас, апостолот Павле го донесе овде и во Европа Светото Евангелие и христијанството, како најголема придобивка. И не само тогаш, туку и пред тоа - од времето на Александар Македонски, а и потоа, од времето на светите Кирил и Методиј и, особено, светите Климент и Наум со Охридскиот универзитет, Македонија придонесувала во духовното, културното, книжевното, уметничкото и општодоброто збогатување на стариот континент. И денес Европа го очекува нашиот придонес во сите сфери на современото живеење и подоброто утре на нашиот народ и на сите европски народи. Оттаму е и нашата радост што Европската заедница одлучи и нè прифати како земја - кандидат за Европската унија. Нам ни останува да ги исполниме условите за целосно влегување на Република Македонија во Европската унија, а тоа значи, пред сè, подобрување на сите сегменти од нашето живеење. Со Божја помош и благоразумно работење навреме и тоа ќе го завршиме. Семоќниот Бог нека ни помага во ова дело! Со Божји благослов, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ +СТЕФАН