Верно чествување на Свети Георгиј во Рајчица (16.11.2005)
Денес сестринството во манастирот на Светиот великомаченик Георгиј во Рајчица го прослави преносот на чесните мошти на својот патрон од местото на неговото свето страдање заради името Христово (Никомидија) во неговото родно место, во црквата којашто христијаните му ја посветија на неговиот спомен во градот Лида Палестинска. Во чест на тој благодатен настан во црквата на Свети Георгиј во Рајчица Божествена Литургија отслужи игуменот на манастирот Бигорски, архимандритот Партениј, заедно со свештеномонасите од монашкото братство и архиерејскиот намесник на Дебар, о. Благој Спиркоски.
„Воинството на земјата го презре, маченику, славата небесна ја засака, и страдања поднесе и лута смрт. Затоа денес сесветиот твој спомен празнувајќи го на Христа пофалба Му принесуваме, триблажен Георгиј“ „Се закла како јагне, на Добриот пастир смртта ја изобрази, на вишната трпеза како жртва непорочна се принесе.“ „Кон храброто и брзо застапништво твое прибегнувајќи верни, те молиме да се избавиме од соблазните демонски и од секоја беда и зло, ние кои те воспеваме, страдалецу Христов, та да повикуваме: ’Радувај се, маченику Георгие!’.“