Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Заупокoена Литургија во манастирот на Пресвета Богородица во Калишта (30.12.2005)

На 24 декември 2005 г., по повод четириесетте денови од упокојувањето на игуманијата на манастирот на Рождество на Пресвета Богородица, мати Ирина, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј и повеќе свештенослужители, отслужи заупокоена Света Литургија.

Архиепископот г.г. Стефан кон собраниот верен народ и кон сестринството на манастирот се обрати со пригодно слово, во кое го подвлече цврстиот лик и дело на блаженоупокоената игуманија Ирина, која беше цврст бедем во манастирот.

Потоа свештенослужителите отслужија и парастос и на крајот се упатија во манастирскиот двор, каде што се наоѓа гробот на игуманијата Ирина, и таму отслужија Трисагија.

Мати Ирина заедно со блаженоупокоената мати Ефросинија (претходната игуманија на манастирот) го возобнови овој манастир. Таа беше 43 години монахиња. Во нејзино време се изгради манастирската црква и импозантниот манастирски конак.

Инаку, манастирот на Пресвета Богородица е ставропигијален манастир и се наоѓа под директна управа на Архиепископот на Македонската Православна Црква, а се наоѓа во с. Калишта (струшко), на брегот на Охридското езеро. Тој претставува еден од најубавите македонски манастири. Во внатрешноста на конакот се наоѓа и параклис, во кој во студениот период се извршуваат богослужбите, а во кругот на манастирскиот конак се наоѓа уште една црква, посветена на Светиот апостол Петар. Во склоп на манастирот се наоѓа и пештерска црква на Пресвета Богородица од 14 век.

Мати Ирина беше извонредно комуникативна личност која одржуваше контакти со многу луѓе од блиската околина на манастирот, со многу околни селани, а меѓу нив и со Албанци, кои го почитуваа нејзиното дело, но пред сѐ и над сѐ нејзината најголема грижа ѝ беше манастирот.

Денес нашите молитви се упатени кон Господ Исус Христос за покој на нејзината душа и вбројување во лоното на Авраамовите праведници горе во Небесното Царство. Амин.

 

известува: свештеник Игор Никовски - Охрид.