Божикно послание (31.12.2005)
+СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
КАКО И ДО СИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ХРИСТИЈАНИ,
А ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ -
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Возљубени чеда во Господа,
Денес е празник на Божјото величие! На овој ден „Сонцето на правдата” го озари светот! Од витлеемската пештера, како од вечен Исток, Бог му ја дарува на родот човечки незалезната Светлина, повикувајќи го на нов завет, обновен завет со новородениот Богочовек.
Ангелите насекаде го објавуваат спасоносното Рождество Христово. Небесата, со болскотот на ѕвездата, Му се поклонуваат на Царот над царевите; Мудреците од Исток Го даруваат Богомладенецот со скапоцени дарови; Пастирите со радост Го прославуваат Бога; Земјата Му ја дарува пештерата, а пустината - јаслите; Човечката природа, пак, Му дарува Мајка. Оттаму, раѓањето Христово е празник на дарувањето, празник на целосен принос.
Со спасоносното торжество, сите сме повикани на милосрдие, вера и добри дела. Затоа, во искреноста на срцата свои, да се запрашаме со зборовите на благогласниот Давид: Што да Му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи? (Псал. 115, 3). Како ние денес, во овој разбрануван свет, да му се приопштиме на дваесет вековното взаемно дарување?
Ја имаме ли радоста на пастирите и кротоста на нивните стада? Го имаме ли трпението на пустината? Ја имаме ли чистотата на ангелите и ревноста на мудреците од Исток? Го имаме ли смирението и девственоста на Богородица? Имаме ли барем духовна смелост, заради празничното торжество, сето тоа од Бога да го молиме?
- Заради тоа и ние денес сите да се обратиме кон Оној, Кој од љубов кон нас стана човек, неразделно и неслеано, останувајќи Бог. Нему да Му принесеме дела на благочестив живот. Да Му се принесеме секој себеси со побожност и со добродетели, а како благочестиви семејства да бидеме мала црква, со многудетни рожби, кои ќе бидат и образ на нашето благочестие. Да Му воздадеме слава со гласот на нашите усти, но и со трудољубието на нашите подвизи, како што ги советуваше светиот апостол Павле нашите претци во Солун: Радувајте се секогаш! Молете се постојано! Благодарете за сѐ, оти таква е волјата Божја во Христа Исуса спрема вас! Не гаснете го Духот! Пророштвата не ги унижувајте! Сѐ испитувајте, за доброто држете се! Клонете се од секакво зло! А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ! (1. Сол. 5, 16-22).
Возљубени чеда на нашата Света Македонска Православна Црква,
Празникот на рождеството во тело на Господ Исус Христос, нашиот Спасител и Бог, е икона на вечното раѓање на Словото Божјо од Отецот. Тоа вечно раѓање, во минливоста на историското време, ни се открива преку непрестајното присуство на празникот на Богомладенецот во годишниот круг од црковните празници. Ние, православните христијани, на овој ден, секое лето Господово го празнуваме вочовечувањето на Бога. Секоја година нашите срца пламтат, исполнети со постојана радост, заради благата вест, дека со нас е Бог! Невидливиот и Неизречливиот Предвечен Господ се открива пред нашите очи како Богомладенец. Бог се раѓа како Дете, за да го подмлади и прероди човечкиот род остарен од гревот. Смртното станува бесмртно, а разурнатото повторно се обновува; духовната пустина на светот процветува, натопена од водите на Силоам, што течат тивко (Иса. 8, 6), зашто - тоа Самиот Бог ни го вети, преку устата на пророкот Исаија, кога вели: „Ќе излеам вода врз она што жедува и потоци врз исушеното; ќе го излеам духот Свој врз твоето племе и благословот Свој - врз твоите потомци. Ќе растат како трева крај извори, како врби крај водни потоци (Иса. 44, 3-4). Овие благодатни реки на спасението ни потекоа од врутокот на витлеемската пештера, од јаслите во коишто се роди Синот Божји - Спасителот на светот.
Благочестиви празникољубци,
Заради Христовото раѓање, преку кое дојдовме до помирување со Бога, да бидеме благовесници на мирот и љубовта. Да не гледаме кој е кој, туку како можеме да Му послужиме на Бога преку нашите ближни. Да ја зацврстуваме нашата вера, преку растење во добродетелите. Да ги научиме и децата и младите како да веруваат, како безбедно да чекорат по патот на Божјите заповеди. Да се обраќаме кон Бога и кон светиите, а да ги слушаме поуките и словата на богослужителите. Мнозина во светот поучуваат, но мнозина се и лажни учители, а само во Црквата се учиме на вечниот живот, кој ни доаѓа преку раѓањето на Богомладенецот. Само таа ни го открива патот до нашата вечна татковина - до царството Божјо. Затоа, радувајте се, - како што ни порачува апостолот Петар - макар сега да сте малку во скрб - ако е потребно -, во различни искушенија, та вашата вера испитана, да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажана и прославена радост, примајќи го крајот на вашата вера - спасението на душите! (1. Петр. 1, 6-9).
Возљубени во Новородениот Богомладенец,
И оваа година имаме причини уште да се радуваме и заради одбележувањето на неколку јубилеи и годишнини поврзани со личности и настани од животот на Црквата и од историјата на нашиот народ.
Се навршуваат 1700 години од мачеништвото на светиот и мироточив Димитриј Солунски (+ 306), и 210 години од маченичкиот подвиг на света Злата Мегленска (+ 1796). Исто така, 130 години поминаа од Разловечкото востание (1876), со кое и македонскиот народ ја започна борбата за слобода, како и 60 години од Свештеничката конференција, одржана во Скопје 1946 год., со која македонското домородно свештенство дало свој придонес за скорешно возобновување на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква. Овие спомени и празнувања ни ја зголемуваат нашата радост и вистинољубие.
Возљубени,
Како македонски чеда, и оваа година, насекаде по светот, Божикната радост да ја доживееме и почувствуваме во духот на вековното македонско празнување. Секое македонско семејство нека биде дел од Витлеем, каде што се роди вечноживиот Спасител. Во македонските православни храмови во Европа, Канада, САД, Австралија, Нов Зеланд и секаде нека се принесуваат молитви кон Богомладенецот за духовна поткрепа и единство на Македонците во Македонија и насекаде до каде што нѐ има!
На сите ви го честитаме Христовото рождество и Новото Лето Господово, поздравувајќи ве со торжествениот Божикен поздрав -
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
+ СТЕФАН
И ЧЛЕНОВИТЕ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
+КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски
+ГОРАЗД, Митрополит Европски
+ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
+ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и
администратор Повардарски
+НАУМ, Митрополит Струмички
+АГАТАНГЕЛ, Митрополит Брегалнички
+МЕТОДИЈ, Епископ Велички
+КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
+ПИМЕН, Епископ Полјански
На Рождество Христово, Божик,
2005 лето Господово.