Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ДРВО НА ВЕЧНИОТ ЖИВОТ (07.01.2006)

Со сношното коледарско чествување, со запалените коледарски огнови и коледарски песни и со денешново празнување на Бадник, со благословувањето на бадниковите гранчиња, всушност, го започнавме овогодишното прославување на Божик. Нашите коледарски огнови ни го вратија споменот на необичната ѕвезда што се појави над Витлеем, ѕвездата што го покажуваше местото на Христовото раѓање. И тој пламен, таа светлина, со векови трае и пламти во душите на нашиот верен народ. А коледарските песни и подароците што ги добиваат коледарите се продолжување на ангелската песна и на дарувањето во онаа неповторлива ноќ во чест на новородениот Богомладенец.

Затоа, да Му благодариме на Бога што и нас како народ нѐ вброил во новозаветниот Израил, во народот Божји, којшто ја видел Ѕвездата над Витлеем, ја видел незаодливата Светлина од небото, и ја следи, еве, повеќе од две илјади години; да Му благодариме на Бога за дарот - што и ние како народ се удостоивме да Го даруваме Бога, за дарот - што ја имаме милоста да Му се поклонуваме на Бога, за дарот - со ваква радост да Го славиме Бога.

Возљубени празникољубци, да го празнуваме Коледе и да дојдеме на Бадник в црква значи токму тоа - да покажеме дека сме со Бога, дека Бога Го даруваме со љубов, дека на Бога Му се поклонуваме со вера.

Тоа заедничарење со Бога, тоа принесување дарови и тоа поклонување пред Бога трае повеќе од два милениума. По пастирите и мудреците, коишто први поитаа да Му се поклонат на новородениот Богомладенец, еве, дваесет столетија човечкиот род е завртен со почит кон Витлеем. И ние како народ, откако ја видовме Ѕвездата над нашето небо, откако ги слушнавме ангелите на нашите височини, еве, се придруживме во колоната што секоја година ита кон витлеемската пештера. Знае македонскиот народ дека Бадник е ден во спомен на најчудесното раѓање - спомен на денот кога Бог слезе од небото на земјата. А бадник, тоа гранче дабово дрво коешто го симболизира Христа како Небесно дрво, како дрво на вечниот живот, еве, денес, секој од нас ќе го однесе дома, за и преку него симболично да Го има Христа покрај себе.

Првите луѓе, Адам и Ева, преку берењето плодови од првото дрво - згрешија, а од плодовите од дрвото кое е самиот Господ, е спасението на светот.

Возљубени во Господа, ние сме меѓу народите кои имаат долга и богата духовна традиција. Знае нашиот народ да празнува, знае да Го љуби Бога. Изминатава коледарска ноќ, иако беше со обилни дождови и снег, тоа не беше пречка за да се запалат коледарските огнови и да се испеат коледрските песни. Така е и денес! - Еве, Скопје и сета Македонија живеат за Бадник! Колку само љубов набраа и раздаваат нашите постари, како и одборот на бадникарите, и кумовите досегашни и идни, и сите. Скопје и сета наша Земја е претворена во Витлеем и сиот наш народ е тргнат на поклонување пред Господа и дарување на Господа; сето наше срце и сета душа наша се за Господа. Затоа, славењето на Божик значи доживување на единство со Христа Спасителот, значи наоѓање на најголемата Вистина, на најдобриот Пат и на најсовршениот Живот.

Празнувањето е радување во Господа! - Што друго може толку да нѐ израдува, толку да нѐ мотивира, како празнувањето во верата? - Сведоци сме сите колку радост има кај коледарите, колку радост има меѓу бадникарите!? - Радувајте се секогаш во Господа и пак ви велам - радуајте се, ни порачува свети апостол Павле (Филип. 4,4). Денешнава празнична радост се потпира на верата во Бога, Седржителот и Промислителот на сѐ. И таа наша радост никој не може да ни ја одземе, зашто ни ја гарантира самиот Господ Христос (сп. Јован 16,22).

Преку Единородниот Син, Бог постојано се раѓа во душите и во срцата на луѓето. Оттаму постојано се раѓа новата надеж, новата љубов, новите добрини во животот на луѓето...

Ние, пак, како народ имаме причини да се радуваме и за овој Божик, имаме причини да се надеваме во милоста Божја, да се надеваме на подобри времиња и за Македонската Православна Црква и за македонскиот народ и држава. На овој голем ден, на Бадник, да се исполниме со Божикната светлина која во нас може да роди нови надежи и радости, радости во нашите семејства и во секого од нас.

Ангелската песна “слава во висините на Бога, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја” е христијанска програма за сите луѓе и народи, како пред 2000 години, така и денес, таква ќе биде засекогаш. Таа небесна порака била животна програма на нашите постари, на сите великани од нашиот род: просветители и преродбеници, учители и војводи, борци и бранители за верата и татковината, на сите достојни рожби од нашиот род.

Таа небесна слава Божја, тој спасителен Христов мир, таа богодадена добра волја меѓу луѓето, во овие Божикни радости и во сите денови од нашиот живот, нека бидат со сите нас и со сите луѓе и созданија.

Сите сме повикани да учествуваме во содавањето на витлеемски јасли околу нас, во нашите домови, а најмногу во своите срца и души, за да може во нив да се всели Богомладенецот Христос, зашто сите имаме потреба од мир и љубов, од правда и вистина, - дарови коишто Христос Спасителот ги донесува и дава на овој спасоносен ден и празник.

Возљубени празникољубци - да бидеме заедно како на Коледе и Бадник, така и на Божик и во сите празнувања и радости на нашата Света Црква.

Мирот Божји нека биде со сите!

Честити Божикни празнувања и од Бога благословено Новото 2006 Лето Господово!