Бадник во Дебарско-кичевската епархија (08.01.2006)
Навечерието на Рождество Христово - Бадник, на свечен начин беше пролавено во Дебарско-кичевската епархија, со богослужби во сите градски цркви и парохии. Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј во придружба со охридскиот намесник прота-ставрофор Ефтим Бетински и секретарот на епархијата свештеник Игор Никовски, во попладневните часови изврши посета на игуманијата и на сестринството на манастирот на Пресвета Богородица – Пречиста, мати Агнија.
Веќе повеќе години Владиката постави за обичај да го посетува овој манастир во навечерието на Христовото раѓање, и во храмот да изврши осветување на бадниковото гранче. Но, поради неповолните временски прилики, кои резултираа со снежни врнежи претходниот ден, посетеноста на манастирот со гости и поклоници беше помала од претходните години.
Потоа Владиката продолжи за Кичево во градскиот соборен храм на Светите апостоли Петар и Павле, каде што со свештенството отслужија Вечерна богослужба и го благословија бадниковото гранче. Бидејќи овој ден во градот се служи едноцрквие самиот огромен храм беше премал за да ги прими верниците кои во голем број беа дојдени да присуствуваат на Вечерната богослужба, а во своите домови да ги понесат благословите и осветеното бадниково гранче - симболот на реалноста на Христовото Раѓање во Витлеемската пештера.
известува: отец Игор Никовски