Архиерејска Божествена Литургија на Божик во соборниот храм во Скопје (08.01.2006)
На празникот на Рождеството Христово, во соборниот храм на Свети Климент Охридски во Скопје, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот Европски г. Горазд и викарниот Епископ Велички г. Методиј отслужи Архиерејска Божествена Литургија. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, меѓу кои и претседателот на Р. Македонија г-дин Бранко Црвенковски, како и повеќе значајни личности од политичкиот и општествениот живот. Денес, на празникот на Соборот на Пресвета Богородица, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан заедно со Митрополитот Горазд и епископот Методиј отслужи Божествена Литургија во црквата на Света Петка во Скопје.
Утре, Божествена Литургија во чест на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, Архиепископот ќе отслужи во црквата на Светиот великомаченик Георгиј во скопската населба Чаир.
Божикна порака на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан
Еве, возљубени празникољупци, пак сме исполнети со радосната и сѐ спасоносна блага вест, која што ангелите, во онаа ноќ, им ја објавија на витлеемските пастири, веста неслушната во дотогашната историја на светот и човекот, веста дека се родил Спасителот, кој е Господ Христос. Таа вест, е најголемата тајна на севкупната вечност! Рождеството на Богочовекот е суштината на христијанската вера и главна вистина на Светата Црква. Синот Божји Единороден, роден во вечноста, се родил и во времето! Таа тајна на Света Троица, постанала тајна на силата и човекољубието Божјо. Оттаму, најголемата тајна времето е најголема тајна во вечноста! Зашто спасението на луѓето не дојде ни од човек ни од земјата, туку дојде од најголемата височина – од Бога. Таква била милоста и такво било достоинството на човекот – Самиот Бог да слезе од небото на земјата, само за да го спаси човечкиот род. Во таа од Бога дадена и откриена вистина е смислата на Божик, смислата на денот на Христовото Рождество. Затоа, празнувањето на Божик не е обичен обичај, не е некаква традиција или само ден за честитки и подароци. Тој празник е спасоносен настан и дар за сите дарови, ден во кој ни е откриено “единственото ново под сонцето”. Христовото Рождество е полнота на времето, исполнување на пророштвата, надежите и очекувањата на старозаветните праведници, како и почеток на новото време, на времето што ја осветлило темнината на вековите и време кое што го осмислило севкупното постоење. Затоа, Божик е Живот на животот, Вистина на вистината и Песна над сите песни! Тој ден и настан се повик за мир, разбирање и добра волја меѓу сите созданија, а пред сѐ меѓу луѓето. Да празнуваме како вистински Богољупци и човекољупци и на дело добротворци и миротворци. Да празнуваме учествувајќи во радоста за сите луѓе и за сите времиња.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!