Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богојавление во Мијачкиот крај (21.01.2006)

Вчера, на празникот Богојавление, после празничната Утрена и Божествената Златоустова Литургија во црквата на Успението на Пресвета Богородица во селото Ростуше, каде што свештеноначалствуваше архимандритот Партениј и на која учество зедоа браќата и сестрите од неговите Манастири, присутните верници во литија тргнаа кон избраното место за осветување на водата и потопување на Крстот Господов. За верниците од селото Ростуше тоа беше мостот на реката Радика, оддалечен неколку километри од црквата на Успението. Треба да се напомене дека жените од овој крај на овој ден во црквата принесуваат т.н. „кумства”, еден вид специјално измесени кори. Доаѓаат во традиционалните носии на старите Мијаци, на особен начин стилизирани и украсени тие се прочуени како најубави во Македонија. Кога доаѓаат и на заминување пеат стари песни во кои се проси благослов од Св. Јован, особено за членовите на семејствата што се кумови на денешниот празник. Слични молитви кон Св. Јован и прозби за благослов на кумовите, жените пеат и кога влегуваат во домовите на кумовите. Традиционално се кажуваат ектении и насред село, на местото каде што се наоѓала старата црква посветена на Успение, а која извесни Македонци-муслимани за време на Втората светска војна ја урнале. После молитвословот на Големиот Богојавленски Водосвет, игуменот Партениј го потопи Крстот Господов во водите на реката Радика. Литијата повторно се упати кон црквата, кадешто на присутните верни о. Партениј им подели гранчиња од босилекот како благослов. Многубројните верни најпосле се упатија во домовите на кумовите, продолжувајќи со денешното радосно празнување. Во селото Битуше Божествена Литургија отслужи свештеномонахот Макариј, од отците во Бигорскиот манастир. По ова во Битуше Светото Богојавление го славеа на сличен начин како Ростушани, а крстот беше потопен во водите на Битушка река.