Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Водици во Охрид (21.01.2006)

И оваа година на свечен начин во Охрид и Дебарско-кичевската епархија се прослави празникот Водици.

Неговото Високопреосвештенство Митрополит Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во чест на празникот, во сослужение на свештенослужители од епархијата, во црквата на Пресвета Богородица - Каменско отслужи Божествена Литургија. На Светата Литургија учество зеде многуброен верен народ, на кој Владиката на крајот му се обрати со пригодна празнична беседа, во која говореше за празничниот настан на реката Јордан, за јавувањето на Пресвета Троица, а особено се задржа беседејќи за улогата на Светиот Дух, Кој во вид на гулаб се јави на реката Јордан. Верниците заедно со Владиката и свештенослужителите по завршувањето на Литургијата се упатија во Охридската чаршија, каде што ги чекаа свештенослужителите од градските цркви на Пресвета Богородица Перивлепта и на Свети великомаченик Георгиј. Сите заедно се упатија кон охридското пристаниште каде што во 10.00 часот свечената литија дојде на пристаништето и се упатија во еден од бродовите кој беше подготвен за од него во водите на Охридското езеро Владиката да го спушти крстот. Владиката изврши свечен Богојавленски Водосвет и осветувајќи ги водите на Охридското езеро го спушти светиот крст.

 

         

 

 

И оваа година на наоѓачот на светиот крст, (а тоа беа голем број на млади момчиња, кои се фрлија во езерото за да го пронајдат и фатат крстот и да го донесат пред Владиката), од страна на Дебарско-кичевската епархија и останати донатори од Охрид му беа врачени пригодни подароци.

Иако рано утрото Охрид се најде под снежна покривка и за време на светите служби паѓаше снег, сепак за време на великиот Богојавленски водосвет облците на небото се повлекоа и силно изгре сонцето, кое на најдобар начин кај верниците ја зголеми радоста заради овој празничен настан.

Оваа година кум на прославата беше градоначалникот на град Охрид г-дин Петрески, а присуствуваше и Претседателот на Р. Македонија г-дин Црвенковски.

На Охридското пристаниште беше евидентно огромното присуство на верен народ, кој после осветувањето на езерските води во чаши и шишиња нацрпуваа осветена вода од езерото.