Богојавление (21.01.2006)
Во Скопје, на празникот Богојавление, во црквата на Свети Димитриј, со Светата Литургија чиноначалствувше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на епископот Велички г. Методиј и бројно свештенство од Скопската православна епархија. По Литургијата следеше Богојавленскиот Водосвет и трдиционалното фрлање на крстот од Камениот мост во реката Вардар.
Денешниов празник, Богојавление, е празник на љубовта, настан во кој се исполниле желбите и копнежите на сите генерации пред Христа!
На денешниов настан на Јордан Бог-Света Троица се јавил пред очите на сите присутни; се јавил тогаш за секогаш и таму за насекаде. Бог се открил онака како што посакувал и Мојсеј и сите праведници пред Христа.
Затоа, преку Богојавувањето на Јордан, се потврдила сета вистина: Тој е Mојот возљубен Син, врз кого е Mојата љубов, односно Тој е Мојата љубов, Мојата жртва, Мојот подвиг - за спасение на човечкиот род.
На денешниов ден, Синот Божји, Господ Исус Христос, се крстил од Јована заради спасение на човечкиот род, како што се родил и како што пострадал и воскреснал за спасение на човечкиот род!
Крштевањето било заради нас, заради гревот човечки. И од тој ден на Јордан па до овој денешниов на Вардар и до сите води, којшто влегол во водата, кој се крстил - тој се спасил. Како што некогаш, во времето на Ное, само оној што не влегол во водата се спасил од потопот, така од Христа наваму, само којшто влегол во водата и се крстил - само тој се ослободил од гревот, само тој се спасил!
Како што Богојавлението е недвојливо од Рождеството и од Преображението и од Воскресението, така водата е недвојлива од крстот. И тие се заедно и тие се едно во Христа. Затоа и ние денес, славејќи го крштението, ги прославуваме и распетието и воскресението Господови. И овој празник е и спомен на Христовото, но и потсетување и на нашето крштение, коешто е облекување во Христа, коешто е живеење во Христа и живот со Христа.
Богојавлението е спомен на осветувањето на јорданските води, но и на нашата човечка природа. На овој ден скоро дваесет столетија се навраќаме на тој настан, трудејќи се сите води и брегови да заличат на јорданските од времето на Христа.
А Скопје со Вардар и сите наши води - денес се Јордан, денес се наше учество во двемилениумската крштевка што трае, се наше учество во покајанието и просветувањето наменети за сите луѓе во сите времиња. Бог се јави!
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан