Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Вистинските состојби во Секирник (30.01.2006)

Текстот што следи е одговор на претставниците на црковниот одбор и од Месната заедница на селото Секирник кон написот од новинарката Билјана Јовановска Секирник што го засекира Ватикан”, полн со невистини и дезинформации, прв објавен во „Утрински весник“. Бидејќи демантот што следи како што е редот беше пратен до Редакцијата на „Утрински весник“, а од сомнителни причини не беше објавен, на молба на црковниот одбор, а и со наша желба да се знае вистината, го објавуваме на сајтот на МПЦ. Ги повикуваме оние новинари кои сакаат да пишуваат за вистинските состојби и за реалните случувања од црковниот живот овде, или новинарите кои барем ги пренесуваат и изјавите на другата страна, да дојдат лично во селото Секирник и да поразговараат со селаните.

 

 

 

Почитувана Редакцијо,

           

            Сакајќи поточно да ја запознаеме македонската јавност за црковната состојба кај нас, Ви го испраќаме ова писмо со кое настојуваме колку што е можно повистинито и поцелосно да Ве информираме за настаните што нè вознемируваат и бараат од нас да покажеме готовност јавно да го браниме мирот и правото на слободна вероисповед за нашето село.

            Написот Секирник што го засекира Ватикан” малку повеќе нè навреди нас, жителите и верниците на ова село, со оглед дека се чувствуваме и сме непоколебливо и стопроцентно - православни. Упадите на Унијатската црква од неколку позиции, за да стекне свои приврзаници кај нас, наидуваат на неповолен терен, а може да се согледа дека имаат свој почеток уште од пред неколку години.

            Во не така далечната 1999 година преку нашите деца кои одеа и уште одат на училиште во соседното Турново заедно со децата од соседното Радово, чии жители во најголем дел по вероисповед се унијати, се случи првиот инцидент и сигнал дека односите треба да ги градиме внимателно. Тогаш децата од Радово ги напаѓале нашите дека се сиромаси. Имено, Унијатската црква му дава помош во макарони и други прехранбени производи на голиот верен народ во нашата Православна Црква. За тоа настана голема расправија, па малку фалеше нашите деца да престанат да одат на училиште во Турново. Тогаш се јави нашиот свештеник и на мудар и достоинствен начин спротиставените страни ги убеди дека секој има толку колку што му дал Господ и треба со тоа да биде задоволен”.

            Но по извесно време се случи голема провокација: почеток на изградба на унијатски црковен храм во Секирник - вест која удри како гром. Залудни беа барањата на нашите црковни настојатели да се состанат и да се договорат претставниците на Месната заедница и на нашиот православен црковен одбор со претставници на Унијатската црква. Не само што не дојдоа туку не нè удостоија и со никаква средба. Народно гледано, останаа надуени богати, ние ете сиромаси - нас никој ништо не нè прашува. Се обидоа да постават камен темелник. Без успех. Треба да бидат задоволни што поминаа толку лесно. Но во таа прилика во јавноста излегоа со лага и невистина. Вистината е дека во настанатиот конфликт беа нападнати со јајца само две возила: колата на лажниот активист на Унијатската црква Стојан Николов (попознат како Божијанов), кој е и главен организатор на нивните акции овде, и колата на евхаристинките - но нивното однесување во случајот беше премолчено: имено, се нафрлија кон нашите сограѓанки со навреди какви што не смее да си дозволи да кажува ни обичен човек, а најмалку доликува да ги изговараат милосрдни сестри. Но автомобилот на амбасадорот на Република Италија во кој беа господата Антонио Тарели и Силвио Галон со нивната придружба не само што не беше нападнат туку овие дипломати тогаш беа пречекани како искрени пријатели на нашата Црква. Сепак им беше доставена писмена изјава дека во Секирник унијати нема.

            Тогаш најдовме за потребно да го посетиме г-динот Кирил Стојанов во Радово, сегашниот Надбискуп Скопски, и да изразиме жалење за овие немили настани. Кажавме дека се надеваме дека извлекоа поука дека во Секирник унијати нема. Тој од своја страна до денес не најде за потребно да ни го изнесе своето мислење за оваа состојба ниту да ја оправда и поткрепи нивната иницијатива.

            Ни беше заповедано да спроведеме анкета која ние успешно ја извршивме и  покажа дека во селото има: православни 258 жители, унијати - еден, сведоци на Јехова - двајца, атеисти - еден. За ова го известивме и претседателството на Комисијата за односи со верските заедници. По двете средби со г-динот Цане Мојановски што уследија беше поведена постапка против Унијатската црква, која заврши со неповолен исход за неа. На нејзино барање случајот излезе и пред Врховниот суд, а тој исто така пресуди во полза на православните жители на Секирник. Во таа прилика Судот ѝ упати на Унијатската црква опомена да не започнува изградба на каков било објект во селото, со оглед дека истото само би послужило како провокација за разгорување на верска нетрпеливост.

            Мораме да предупредиме дека причините за неуспехот на Унијатската црква при нејзината мисионерска дејност во Македонија треба да бидат побарани во нејзините редови. Ние само го браниме и го почитуваме нашето. Во таа смисла и нападите кон православниот свештеник во Секирник (меѓу нас искрено почитуваниот протојереј Дончо Иванов) не само што немаат реална основа туку ја промашуваат и вистината и љубовта Христова. Имено, за да биде поткопана неговата служба обвинуван е затоа што годишно жителите на селото му плаќаат по 300 денари, што е целата нивна давачка кон Македонската Православна Црква. Но освен оваа сума свештеникот не наплаќа никакви такси за крштевки, за венчавки, за погреби или за други треби.

            Во писмото на нашиот свештеник стои дека не сакаме во Секирник и во Македонија да имаме движење како Ира, Хамас, Џихад, односно на верска основа да се организираме и да дејствуваме конфликтно или да развиваме нетрпеливост кон луѓето со друга вероисповед. Нека се присетат браќата од Унијатската црква за оние тажни настани кога во едно соседно село некои несовесни христијани постапуваа како нелуѓе уривајќи ги надгробните споменици на неправославни покојници. Имајќи ги овие случувања зад себе, да се прашаме зарем не поттикнуваме непотребно дури и такви екстремни реакции обидувајќи се да градиме храмови онаму каде што не нè повикале и каде што јасно е дека немаме следбеници, па дури и ни покажале дека сме непожелни? Или некој намерно сакаше да предизвика такви инциденти и во Секирник...? Ние пак, ќе ги помниме зборовите на нашиот свештеник како што рече во онаа прилика: Секому Бог му дал и ум и разум и слободна волја. Оставете ги луѓето секој да оди по својот пат, а мртвите нека почиваат во мир.”          

            Ова го пишуваме за да ја објавиме вистината за Секирник и за исходот од акциите на Унијатската црква да оствари влијание на оваа почва и да изгради во него свој храм. Евиденцијата покажа дека унијати нема, а ако некој во меѓувреме се премислил и е готов да се изјасни поинаку и да премине во унијатската или во која било друга верска заедница, слободен е тоа отворено да го направи. Исто така, ако оние претставници на Унијатската црква кои наоѓаат интерес да дејствуваат во Секирник пронајдат две-три семејства што ќе се изјаснат како унијатски, ние сме готови да ги пречекаме со добредојде и во мир да ги оставиме да положат камен темелник за изградба на нивниот храм.

 

Претставници на

Црковниот одбор

и на Месната заедница

во с. Секирник