Неготино (02.02.2006)
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот г. Тимотеј и викарниот Епископ Полјански г. Пимен отслужи Архиерејска Божествена Литургија в
На 31 јануари 2006 година, на празникот на Свети Атансиј Велики и Свети Кирил Александриски беше отслужена Архиерејска Божестена Литургија во црквата на Свети Атанасиј во Неготино. Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство, Епископот Полјански г. Пимен и свештенството и верниот народ од Повардарската православна епархија.
Во празничната беседа, Архиепископот кон присутните верници уште еднаш ја истакна потребата од меѓусебна почит и љубов, велејќи:
Потребно ни е заедничкото празнување, зашто нема посовршен начин за да ја потврдиме нашата љубов во Господа од тоа - да бидеме заедно и едно на Светата Литургија - највозвишениот чин на кој се манифестира љубовта и кон Бога и кон луѓето, чин на меѓусебно единство и заедништво во Христа Исуса, нашиот Спасител.
Меѓусебно да се почитуваме, е заповед од Господа, заповед која, еве, повеќе од две илјади години е карактеристика на оние кои што вистински Го сакаат Бога. Да негуваме почитување, да градиме меѓусебно разбирање и љубов е повеќе од потребно, особено во ова наше време, во кое како да има се помалку љубов. Ние, како православен народ, должни сме да не дозволиме местото на љубовта да го заземаат други особини, други карактерстики, неприлични за христијаните.
,,По тоа ќе ве познаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе” - им се обратил Господ Исус Христос на своите ученици, но тие зборови се однесуваат и на сите нас, зашто и ние, неговите следбеници, сме негови ученици.
Секој, којшто го повикува името на Господа за благослов, за милост и за спасение и живее според начелата на љубовта – тој е ученик и следбеник на Христа.
Но, познато е дека секој подеднакво не ги прима и не ги разбира зборовите Господови. Тоа било така од Христово, така е и во наше време. И не само разбирањето, туку и практикувањето во животот – било и е различно кај секого поединечно. Вистински ученици на Христа се оние кои што во вистинска смисла ги разбрале зборовите, ја разбрале заповедта за љубовта, како што самиот рекол: ,,По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе”.
Овие вакви празнувања, како денешново, имаат смисла само ако во себе ја носат желбата да се навраќаме на изворот на љубовта, само ако во нас будат размисли да се провериме себе си имајќи пред себе прекрасна мерка, прекрасен пример како што е свети Атанасиј, какви што се сите вистински творци и мислители, какви што се вистинските Христови ученици, Неговите вистински следбеници во сите овие 20 столетија, во овие 2 милениуми, време и период во кое свое место имаат многу наши светии и на дело потврдени исполнители на љубовта”.
На оба празнично богослужение во чтец беше произведен богословот Саравче Иванов, а по Литургијата беше пресечен и празничниот леб.