Vesti i nastani
 
 
 
 
 

За Секирник (06.02.2006)


Не претставува проблем изградба на католички храм во селото Секирник, проблем е начинот на којшто некој тоа сака да го постигне. Односно проблемот е спознанието на вистината и вистинскиот пристап. Ватикан е докажан пријател на Македонската Православна Црква и на Република Македонија, а на пријателството најнормално е да одговориме со пријателство. Особено што повеќето цркви во кои на богослужба се собираат православните Македонци во дијаспората, посебно во Европа, се сопственост на Ватикан, а под минимални услови отстапени на користење на Македонската Православна Црква.

            Откако како надлежен православен Епископ на Струмичката Епархија разговарав со претставниците на црковниот одбор при црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица, како и со претставниците на месната заедница од селото Секирник, а со оглед на досегашниот развој на настаните, стекнав впечаток дека во овој момент постојат два начина на кои може да се постигне саканата цел:

            Првиот е слободно да се пријави секој жител на селото кој по вероисповед е унијат или католик и да побара изградба на католички храм во којшто ќе ги задоволува своите верски потреби, без оглед на тоа дали ќе се појават двајца, тројца или петмина жители. Верувам дека и за само двајца или тројца унијати или католици, или барем за едно такво семејство, жителите од селото ќе дозволат изградба на католички храм. Колку што мене ми е познато, според последниот попис од 2000-та година само двајца жители на селото се пријавиле за унијати или католици. Тие во меѓувреме починале.

            Вториот е – доколку ниту еден жител од селото не се изјасни како католик или унијат, што е доста веројатно, тогаш скопскиот бискуп, господинот Киро Стојанов, надлежен и за грко-католичката (или унијатската) верска заедница во Република Македонија, ако и во тој случај инсистира, нека појде и нека ја изрази својата желба за изградба на храм во тоа место – без оглед на тоа што таму нема католици – пред одговорните на селото. Верувам дека заради еден таков нормален, човечки пристап жителите од селото ќе дозволат изградба на католички храм. Ако треба и Митрополитот Струмички може да биде присутен заедно со својот пријател, господинот Стојанов, на средбата со одговорните од селото. И тоа не е проблем.

            Не би сакал да навлегувам подлабоко во темата, сакам само да ја изразам својата жалост од досегашниот пристап кон проблемот кој доведе до нарушување на меѓучовечките и на меѓуверските односи во општина Босилово. Разочаран сум од досегашниот медиумски третман на проблемот од една наша новинарка која и во двата свои, за мене познати, написи изнесе лаги и дезинформации, без оглед на тоа што некој ја довел во заблуда. На пример, дека во селото Секирник има осумдесет католички семејства?! Па кој би можел да спречи 400 луѓе со иста вероисповед да си ја остварат желбата за свој храм, кога би постоеле?! Не можам да премолчам кога гледам дека некој моите духовни чеда, жителите на село Секирник, медиумски ги претставува како верски нетолерантни, негостољубиви, неразумни. Тоа не се препознатливи карактеристики на македонскиот народ. Нашиот православен христијански народ бара само искрен пристап. Не закани, не присила, не лаги. Тоа не поминува.

 

Митрополит Струмички Наум