Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Гевгелија (12.02.2006)

На 12 февруари 2006, на празникот посветен на светите Три Светители, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, отслужи Божествена Литургија во црквата на Светите Кирил и Методиј во Гевгелија.

 

 

          

 

 

 

Во својата празнична беседа, Архиепископот Стефан го истакна следново:

Празнувајќи го овој голем ден за светата Црква, овој празник на науката и на знаењето, да се потсетиме и на онаа евангелска Христова порака дека: оној што ќе ги исполни заповедите и ги поучи луѓето, тој голем ќе се нарече во царството небесно (сп. Мт.5,19). И Тројцата Светители, коишто денес ги празнуваме, не само што ги исполниле заповедите и ги поучувале луѓето, туку тие и денес, како и во вековите пред нас, а такви ќе бидат и во идните времиња, се учители чии што лекции, чии што предавања траат постојано. Тие постојано биле и ќе бидат современи и постојано актуелни. Живеејќи според светите заповеди и Христовите добродетели - живееле со верата Христова, со љубовта и милосрдието, со постот и молитвата, и, со сето тоа, се издигнале над светот и времето. Постанале не само учители на луѓето, туку и учители на вселената, бидејќи светото Евангелие и Вистината за Христа ги пренесле по сиот свет. Израснале во вистински “градители на душите човечки”: граделе преку добродетелите, преку верата и словото... Биле и големи учители, и големи подвижници и молитвеници. Но, за да бидат такви за другите, тие морале најпрво себеси да се изградат и во науката, и во молитвата и во подвигот.

Светите Три Светители наречени се “рамни на апостолите”, што значи дека биле еднакви во апостолството, во ширењето и утврдувањето на благата вест. Се истакнале во расправии со многу еретици и разрешиле богословски прашања. Познавајќи ги и световните науки, тие во многу случаи се служеле и со нив за да објаснат некои неразбирливи богословски теми и дилеми. На пример, ја користеле философијата за да објаснат подлабоки богословски мисли. - Истакнувале - секоја наука започнува и завршува со вера во Бога! Науката е од Бога дадена за добро на светот, за издигнување на луѓето... Нема подобра храна за разумот од науката ниту подобар лек за душата од верата. Ете, таква храна и таков лек нуделе овие великани на науката и верата, - нуделе храна и лек за сите генерации и за сите времиња.

На Светата Литургија во ѓаконски чин беше ракоположен завршениот богослов Љупчо Миланов.