Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Кавадарци (16.02.2006)

Празнувањето на споменот на Светиот маченик Трифун на свечен начин беше прославен во Повардарската епархија со Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше администраторот на Повардарската епархија Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во црквата на Свети Димитриј во Кавадарци. Заедно со Владиката Тимотеј на Светата Литургија сослужуваше и Митрополитот Брегалнички г. Агатангел со бројни свештенослужители од споменатите епархии.

На Светата Литургија со пригодна празнична беседа кон насобраниот верен народ се обрати Владиката Агатангел кој во житието на Светиот маченик Трифун ја потенцираше големата цврстина на верата на овој млад маченик, а со тоа на верниците им го посочи неговиот пример како треба верниците да го љубат и внимателно да се однесуваат кон верата православна.

 

 

               

 

 

 

                                    

 

 

На Светата Литургија Митрополитот Тимотеј во свештенички чин го ракоположи и ѓаконот Миланов Љупче од Гевгелија, а по завршувањето на светата Литургија свештенослужителите заедно со Владиците во внатрешноста на хранот извршија мал Водосвет, а потоа се упатија во дворот од храмот кадешто го извршија и годинешното закројување на лозовиот насад.

Кавадарци е град кој претежно живее со одгледувањето и преработувањето на лозови насади, а тоа беше причина во овие студени февруарски денови на светата служба да пристигнат голем број на Кавадарчани.

 

известува: свештеник Игор Никовски