Месопусна недела: во Дебарско-кичевската епархија со молитвено сеќавање одбележана 30-годишнината од упокојувањето на некогашниот Дебарско-кичевски Митрополит Методиј (27.02.2006)
Според благословот на Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј одбележувањето на 30-годишнината од упокојувањето на Митрополитот г. Методиј, во Дебарско-кичевската епархија, со помен за покој на неговата душа на Божествените литургии отслужени по црквите во Епархијата беше извршено на 26 февруари 2006 година.
На денот на месопусната недела, во црквата на Пресвета Богородица во Каменско, Охрид, каде што е погребано телото на блаженоупокоениот архиереј, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со надлежниот Митрополит г. Тимотеј и со Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, заедно со бројни свештенослужители од епархијата отслужи заупокоена Литургија и парастос пред гробот на Митрополит Методиј. На парастосот учествуваше и Митрополитот Кумановско-полошки г. Кирил.
На Божествената Литургија со заупокоена беседа на присутните верни и на членовите од потесното семејство на блаженоупокоениот Митрополит Методиј им се обрати Неговото Блаженство г. г. Стефан.
Според претходното известување на Митрополитот Тимотеј кон архиерејските намесници од Дебарско-кичевската епархија, свештениците од конкретните архиерејски намесништва на Божествената Литургија во неделата (на Проскомидија) извадија по честичка за покој на душата на блаженоупокоениот Митрополит Методиј, и неговото име го спомнуваа при Големиот вход.
Некогашниот Дебарско-кичевски Митрополит Методиј (Поповски) е роден на 27 март 1914 г. во Прилеп. На 27.10.1936 г. е ракоположен за ѓакон, а за свештеник во јули 1937 г. Од 1941 г. е поставен за парох при црквата на Светото Благовештение во Прилеп, и на оваа должност остана сѐ до неговото монашење. Избран е за Епископ Велички на 13 март 1966 година. Во јули 1967 г. е востоличен за архиереј на Дебарско-кичевската епархија, со која управуваше сѐ до неговото упокојување на 25. 02. 1976 г. Неговото тело почива во дворот на црквата на Пресвета Богородица Каменско во Охрид.
Беседата на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, изговорена на поменот по повод 30 години од смртта на блаженоупокоениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Методиј на 25 февруари 2006 година во црквата на Успението на Пресвета Богородица во Каменско, Охрид.
Вистински народен и духовен пастир
Еве, денес, на оваа света Литургија, нѐ собра еден исклучителен повод, нѐ собра личност која има особено место во историјата на Македонската Православна Црква: се собравме на молитвен спомен во чест на првиот Митрополит на Дебарско-кичевската епархија во возобновената Охридска Архиепископија, како Македонска Православна Црква.
Имено, деновиве се навршија 30 години од блаженото упокојување на Митрополитот Методиј, еден од столбовите врз кои, со Божја помош, а по молитвите на Светите Климент и Наум, се потпре нашата возобновена света Црква.
Блаженоупокоениот Митрополит Методиј е еден од оние доблесни синови на нашиот благочестив народ, кој, како вистински народен и духовен пастир, ги разбрал и времето и потребите на својот народ и Црква, и себеси целосно се ставил на располагање: најпрво како свештеник, а потока како архиереј.
За оние од помладата охридска и македонска генерација ќе потсетам дека блаженоупокоениот Митрополит Методиј беше прв македонски домороден епископ на славната Охридска столица, по 200 години од укинувањето на Охридската Архиепископија и по прогонствата на нејзиниот последен Архиепископ Арсениј.
Тој беше еден од петтемина членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква што ја потпишаа историската одлука, донесена од учесниците на третиот Црковно-народен собор, одржан во Охрид, од 17 до 19 јули 1967 година, настан од неповторливо значење за духовниот и националниот опстој на македонскиот народ: и овде, во Татковинава, и насекаде до каде што нѐ има по светот.
Митрополитот Методиј е еден од оние далекувидни наши претшественици коишто гледаа далеку напред, не само во своето туку гледаа и во нашево време, а со тоа ја гледаа иднината на нашиот народ и особено иднината на возобновената наша славна Охридска Црква - Црква на македонскиот народ - Македонската Православна Црква.
За оние, кои не го познавале или не биле во можност да го познаваат, ќе кажам дека тој потекнувал од Прилеп, од градот со богат и буден духовен и национален живот, во градот со богата духовна и национална патриотска традиција. Се родил во 1914 година, завршил шестокласна богословија во Битола и Филозофски факултет, група историја, во Скопје. Бил замонашен од тогашниот Поглавар на Македонската Православна Црква, блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, во метохот на Свети Наум во Битола, на 12 февруари 1966 година.
Истата година е избран за викарен Епископ со титула Велички. Наречението и хиротонијата се извршени на 12 и 13 март 1966 година во црквата на Светото Благовештение во Прилеп, преку рацете на Архиепископот Доситеј и тогашните Епископи на Македонската Православна Црква: Преспанско-битолскиот г. Климент и Злетовско-струмичкиот г. Наум, во присуство на многуброен народ.
Откако извесен период поминал на должноста викарен Епископ, со Синодска одлука бр. 25, записник 9 од 18 јули 1967 година, е назначен за епархиски Архиереј на Величката епархија со седиште во Охрид, епархија која подоцна е преименувана како Дебарско-кичевска и така се вика до денес.
Со својата архипастирска дејност се покажал како вистински народен пастир, неуморно работејќи на големата македонска нива, и овде во Охрид и по сета богодарувана епархија, а и насекаде до каде што нашата света Црква нашла за потребно да го прати, па дури и во Канада и во Австралија.
Ревносно богослужел и проповедал, градел и го надградувал Св. Климентовото дело и како таков го запаметиле и свештенството и народот.
Блаженоупокоениот митрополит Методиј ѝ припаѓа на првата архиерејска генерација којашто Бог ја избра да ги лечи раните на духовното македонско тело, да ги зацелува болките на македонската душа, нанесени со укинувањето на Охридската Архиепископија и со дејноста на однародувачките пропаганди и владеења на соседните цркви и народи. Но, Митрополитот Методиј, по Божја милост, ја имал можноста да ја почувствува радоста од донесувањето на онаа историска одлука за целосно возобновување на Охридската Архиепископија како Македонската Православна Црква - радост што ја чувствувале и ја чувствуваат Македонците и овде во Охрид и ширум низ Македонија, како и насекаде меѓу иселените Македонци.
Возљубени во Господа,
Како православен народ, како чеда Св. Климентови и рожби на Охридската Архиепископија, треба да сме им вечно благодарни на членовите на првиот Архиерејски Синод, зашто тие, заедно со учесниците на Соборот од 1967 година, направиле богоугоден подвиг за доброто на сите припадници на нашата света Црква, запалувајќи го повторно вековното Св. Климентово кандило. Затоа, во историјата на нашата света Црква и во споменот на сите македонски генерации ќе останат трајни делата на собраќата од првиот Синод, меѓу кои беше блаженоупокоениот Митрополит Методиј.
Одбележувајќи ја денес 30-годишнината од неговото упокојување, можеме и да се запрашаме и да претпоставиме: како ќе се одвиваа македонските црковни работи доколку тогашните членови на Синодот ја немаа мудроста да донесат таква одлука? Сме размислувале ли, што ќе беше досега со македонските чеда доколку немавме домородни архиереи и пастири, и овде во Република Македонија и особено меѓу нашите во дијаспората? Сме помислиле ли и за тоа како ќе беше и во она време кога се распаѓаше Југославија? Што ли ќе се случеше притоа со прогласувањето на независноста и сувереноста на Република Македонија? Ќе повторам: ако ја немавме возобновената Охридска Црква, односно, ако ја немавме Македонската Православна Црква - ќе го имавме ли запазено и македонскиот дух и ќе ја имавме ли сувереноста и македонското достоинство!? И би се прашувале уште за многу други прашања од црковен и национален карактер и прашање е какви ќе беа состојбите, ако поинаку се одвивале и се решавале прашањата и потребите на македонскиот народ, во времето кога Митрополитот Методиј и другите биле исправени пред големите искушенија и богоумудрено ги решиле?!
Затоа треба да сме им благодарни за сѐ што направиле; да сме им благодарни што еве, ние денес, и покрај сите тешкотии имаме вака видни резултати во севкупното дело на Македонската Православна Црква, во епархиите и институциите, и овде - во Татковинава и ширум по светот.
Благодарение на тој Свети Архиерејски Синод, се возобнови животот на нашата света Црква: се отвори Македонска Православна Богословија - Средното богословско училиште за образование на македонските свештенослужители, а потоа и Богословскиот факултетот во Скопје. Од некогашните три, сега имаме седум епархии во Татковинава, како и три меѓу иселените Македонци (во САД и Канада, Австралија со Нов Зеланд и во Европа), се обновија стари и се изградија многу нови храмови. Се возобнови и монаштвото и севкупниот духовен живот, со реални можности за уште повисоки постигнувања на духовен и црковен план. Она што можеби се очекувало да биде веќе решено, а сѐ уште не е, е прифаќањето на нашата Света Црква од останатите помесни Православни Цркви. Но, со Божја помош, да се надеваме дека и тоа ќе биде во блиска иднина. Наше е да продолжиме богоугодно да работиме, а ќе дојде и тој праведен чин, со кој ќе се израдуваат душите и на блаженоупокоените Архиепископи Арсениј и Доситеј, како и на митрополитот Методиј и на сите поранешни и сегашни црковни дејци - борци и жртви за духовна и национална слобода на македонскиот народ.
Бог да го прости Митрополитот Методиј и нека му е вечен споменот во небоземната Црква. Амин!
известува:
свештеник Игор Никовски