Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение од Канцеларијата на САС на МПЦ (11.03.2006)

До Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква пристигна информација и документ преку кој недвосмислено се потврдува инволвираноста на Владата на Република Србија во случајот ’Вранишковски’. Тоа сведочи за нивната соработка и за дејствувањето на српската пропаганда во Република Македонија против Македонската Православна Црква.

На сите во Синодот, на свештенослужителите и на монаштвото, како и на православните верници и на сите вистинољубиви, правдољубиви и родољубиви луѓе им беше јасно дека дејствувањето на Вранишковски е само туѓа пропаганда и за туѓи интереси. Тоа, еве, се посведочува и со конкретни документи за исплаќање на државни средства од страна на Република Србија, на нејзиното Министерство за вера, за потребите на Вранишковски и на неговите - а од каде инкау тие би живееле и така арогантно би се однесувале, ако не трошат туѓи средства?

Зар не е ова директно мешање во интересите на нашата Држава и Црква? Зар не е ова инволвирање во туѓа земја и дејствување против нејзиниот интегритет и суверенитет?

Зар не помина времето на плаќање пропаганди во туѓи земји?

Зар не значи ова посегање на Србија кон Македонија и нови пројави на великосрпскиот империјализам?

Зар го допушта ова принципот на добрососедски односи и на немешање на државата Србија во црковните прашања, како што тие обично милуваат да изјавуваат?

Не значи ли ова дејствување на српската државна и црковна пропаганда попат на злоупотреба на верата и Црквата?

Јасно е сега, и повеќе од јасно, чија таканаречена црква е онаа што сака да ја организира српската држава и Српската Црква кај нас, преку македонските предавници и одродници – слуги на туѓите интереси во Република Македонија. Од ова јасно се гледа кој го плаќа Вранишковски и неговите - чии пари трошат и чија работа извршуваат!

Повеќе од очигледно е дека тие се на месечна апанажа на Владата на Република Србија и цената за која ја прифатиле улогата на разнебитувачи на македонскиот народ зборува за што сѐ би биле подготвени за повисока цена?!

Зар не сме ние посебна, суверена и самостојна држава и Црква, па допуштаме да ни се случуваат во 21 век вакви дејствувања?

Затоа, бараме од државната власт во Република Македонија да ги испита сите злоупотреби, дрски мешања, влијанија и начини на инволвирање и дејствување на српската држава во поредокот за стабилноста на Република Македонија.

Бараме државните органи на нашата Татковина, Република Македонија, да ги откријат сите канали на внесување на туѓодржавни средства за дејствување против Република Македонија и Македонската Православна Црква.

На Владата и Минитерството за вера на Република Србија, им порачуваме да не ги фрлаат парите собрани од сиромашниот српски народ за бесмислени цели и за личности во туѓи земји, со предавнички карактеристики, и нека не се надеваат на оние коишто се откажале од своето, бидејќи тие уште побрзо ќе се откажат и од нив.

Затоа, Репулика Србија нека ги дава за изградба на некој манастир или црква во Србија и нека ги помогнат нивните свештенослужители и верници, бидејќи и онака Србија нема пари за фрлање во ова време на сиромаштија, во која живее српскиот народ.

Најпосле, САС на МПЦ апелира да се престане со ваквите активности и да се започне со развивање на вистински братски, добрососедски, евангелски односи, со достоинство, и во духот на вистинското братољубие, преку кое се изразува и вистинското богољубие. На тој начин ќе се изградуваат и развиваат евангелски дух Црквите, а во европски државите, кои чукаат на портите на Европа. На Македонската Православна Црква ѝ останува да ја докажува својата вистина со мерилата на христијанството, притоа водејќи сметка да го зачува македонското ткиво од разнебитување, заради што Македонецот со векови бил распнуван.

 

Од Канецеларијата

на САС на МПЦ