Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Тодорова сабота во Охрид (11.03.2006)

Првата сабота од Светата Четириесетница, од Црквата посветена на споменот на Светиот великомаченик Теодор Тирон (а меѓу верниот народ позната како Тодорова сабота) и Неделата на Православието е време кога пред Светиот Путир пристапуваат голем број православни верници. Во текот на претходните денови верниците го засилуваат своето покајание со смирение и со исповед на своите гревови пред свештеникот како Божји слуга.

 

 

              

 

 

Традиционално и во Охрид, седиштето на Дебарско-кичевската митрополија, оваа, како и секоја година, во саботата и во неделата од првата седмица на постот, голем број верници дојдоа на Литургија и пристапија кон светата Причест.

 

Во саботата надлежниот архиереј на епархијата, Митрополитот г. Тимотеј, со свештенослужителите о. Сашо Богдановски и о. Игор Никовски, во црквата на Пресвета Богородица во Каменско отслужи Света Златоустова Литургија и кон присутните верници се обрати со кратко поучно слово. Светиот храм и црковниот двор беа преполнети со верници: мажи и жени, старци, мајки со дечиња, трпеливо и со свеќи во рацете го чекаа моментот кога Владиката, заедно со своите свештенослужители, излезе да ги причести верниците. Бидејќи бројот на верниците кои на овој ден пристапуваат за Причест во оваа црква е голем, како и во другите во градот, свештениците причестуваа од три путири.

 

известува: о.Игор Никовски