Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ И ВЕРСКИТЕ ЛИДЕРИ АПЕЛИРААТ ЗА ФЕР ИЗБОРИ (24.03.2006)

Регуларни и демократски парламентарни избори се клучен предуслов за демократската стабилност и развојот на Македонија - Изборниот процес не смее да го загрози, напротив треба да го забрза интегрирањето во Европската унија и во НАТО алијансата - Ова е дел од апелот упатен до граѓаните, верниците и политичките партии од средбата на претседателот на државата Бранко Црвенковски со лидерите на верските заедници која вчера се одржа во Охрид.

На средбата присуствуваа и амбасадорите: на САД во Македонија - Џилијан Миловановиќ, на ЕУ - Ерван Фуере, и на ОБСЕ - Карлос Паиш.

Од Охрид е упатен повик до политичките партии да ги почитуваат највисоките норми и стандарди во изборниот процес, а граѓаните и верниците да ја искажат својата меѓуетничка и верска толеранција со што ќе придонесат за создавање амбиент за фер и демократски избори.

Иако верските заедници се одвоени од државата нивните лидери денеска во Охрид рекоа дека во рамките на своите активности ќе придонесат во креирањето на позитивната изборна атмосфера.

Поглаварот на Македонската Православна Црква, г. г. Стефан, рече дека тие (нејзините пастири) преку свештенството низ своите служби ќе ги подготвуваат верниците за мирно, достоинствено и чесно гласање.

Заменикот на поглаварот на Исламската верска заедница, Бахри Алиу, пак, со став дека она што политичарите ќе го ветат треба и да го исполнат. Тој не смета дека меѓу Албанците во Македонија е присутна традицијата за групно гласање.

Амбасадорот на САД, Џилијан Миловановиќ, рече дека сите лидери на верските заедници јасно ставија до знаење дека тие нема да се мешаат во изборниот процес, туку дека ќе се заложат верниците да излезат на изборите и да гласаат исклучиво по своја волја и желба.

 

 

 

Во апелот на претседателот Црвенковски и на лидерите на верските заедници за одржување фер и демократски избори којшто Кабинетот на шефот на државата го дистрибуира до медиумите се вели:

1. Претседателот и лидерите на верските заедници ја истакнаа потребата од одржување на регуларни и демократски парламентарни избори како клучен предуслов за демократската стабилност и понатамошниот севкупен развој на Република Македонија.

2. Потврдувајќи ја важноста од фер и регуларни избори за највисоките државни и стратешки интереси на Република Македонија, учесниците на средбата заеднички се согласија дека изборниот процес не смее да го загрози, напротив треба да го забрза нашето понатамошно интегрирање во Европската унија и НАТО Алијансата.

3. Претседателот и лидерите на верските заедници ги повикаа политичките партии и останатите учесници во изборниот процес да ги почитуваат и да се однесуваат согласно највисоките меѓународни норми и стандарди.

4. Лидерите на верските заедници апелираат, граѓаните и верниците во Република Македонија како и досега, особено за време на изборниот процес, да ги споделат меѓуетничката и верската толеранција и взаемното почитување, со што на директен начин ќе придонесат за општиот изборен амбиент за одржување на фер и демократски парламентарни избори.

5. Тргнувајќи од и почитувајќи го уставното начело за одвоеност на државата и верските заедници, лидерите на верските заедници се согласија во рамките на активностите на верските заедници да дадат свој придонес во креирањето на позитивна изборна атмосфера.

 

информацијата е преземена од Македонската Информативна Агенција: http://www.mia.com.mk