Цветници во манастирот на Пресвета Богородица Пречиста кај Кичево (17.04.2006)
Неговата Високопреосветеност, митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки и администратор на Повардарската епархија г. Тимотеј, празнувањето на Светото влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим го одбележа со Божествена Литургија во манастирот на Пресвета Богородица Пречиста во кичевско.
На светата Литургија учествуваа свештенослужители од Дебарско-кичевската, од Повардарската и од Скопската Митрополија.
Уште на самиот почеток на светите богослужења беше евидентен големиот број верници кои дојдоа на Цветници од Кичево и од околината во манастирскиот храм. На крајот од Утрената богослужба на присутните верници Владиката Тимотеј им подели благословени врбови гранчиња – симбол на радоста која носејќи гранчиња ја покажаа дечињата при Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим пред почетокот на Неговите свети страдања.
На светата Литургија Владиката Тимотеј кон верниот народ се обрати со празнична проповед, а веднаш потоа сестринството од манастирот и стотици верници, меѓу кои многубројни деца, пристапија кон светиот Путир, за да ги примат Светите Тајни од рацете на својот Владика.