Празничните архиерејски богослужења околу Христовото Воскресение (25.04.2006)
Високопреосветениот Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки и администратор Повардарски г. Тимотеј во црквата на Пресвета Богородица во Велес чиноначалствуваше со богослужењето со кое вечерта меѓу Велики Четврток и Велики Петок преку дванаесет одбрани одломки од светото Евангелие се објавуваат страдањата на Богочовекот Исус Христос за спасение на човештвото. Како што е обичај, при крајот од богослужењето од олтарот на црквата го изнесоа светото Распетие, кое верните на овој ден го целиваат поклонувајќи Му се на Долготрпеливиот Господ.
Утрената на Велики Петок Владиката Тимотеј ја отслужи во црквата на Свети Пантелејмон во Велес. На ова богослужење, според долговековниот обичај во Православната Црква, верните го целиваа ликот на оплакуваното тело на Богочовекот Исус Христос изобразено на плаштаницата што за тој ден се симнува од Чесната Трпеза заради поклонение.
Вечерта кон Велика Сабота, во црквата на Светиот великомаченик Димитриј во Кавадарци за утеха на тамошните христијани Неговата Високопреосветеност г. Тимотеј богослужеше во спомен на погребението Христово.
Христовото Воскресение десетици илјади верни од Велес го прославија на архиерејските полноќни богослужења што ги принесе Владиката Тимотеј заедно со свештенослужителите во црквата на Свети Пантелејмон.