Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденско обраќање преку медиумите на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (26.04.2006)

Христовото Воскресение, тој Настан над сите настани, тоа Чудо над сите чуда, ја содржи целата историја: и минатото, и сегашноста и иднината на човекот и светот.

 

Господ Спасителот, со Своето Воскресение ни подари вечност, ни дарува вечен живот, во кој се влегува единствено преку Него.

 

Денот на Воскресението е ден што Господ го создаде за да се радуваме и веселиме. Овој ден е денот што упатува и води кон вечна радост, кон вечна правда и вечен живот. Зашто Господ, преку победата над смртта, ни дарува бесмртен-вечен живот.

 

Синот Божји, со Своето Воскресение, стана Спасител на сите луѓе. Без Него, без Неговото сепобедно Воскресение, овој свет би останал  долина на тагата и несреќата, би бил најголемата гробница. Но, со Христа Воскреснатиот, светот стана источник на бесмртност и вечна радост. Затоа, прославувајќи го Велигден, всушност го славиме и сопственото воскресение; прославувајќи го Христовото Воскресение го доживуваме и нашето преобразување, надевајќи се на единство со вечноживиот Бог.

 

Возљубени празникољупци,

И на Велигден не можеме, а да не се потсетиме и за нашите страдања како Црква и народ. За жал, трае нашето распетие, продолжува нашата Голгота. Но, и денес, сета наша надеж ја потпираме врз Христа Воскреснатиот, вечната Правда и Вистина. Свесни дека сî што поднесуваме е заради вистината - ќе истраеме! Господ, Победителот над смртта и неправдите, е со нас! Во Него се надеваме и за Него живееме! Дарителот на вечната победа, еве и нам ни дава од Својата Воскресенска радост, неа никој не може да ни ја намали или одземе. Да бидеме постојано со Христа Воскреснатиот и преку Неговото - да веруваме и во нашето воскресение. Амин!

 

Христос Воскресе!

Христос Воскресе!

Христос Воскресе!