Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Манастирска слава во Рајчица (07.05.2006)

Во навечерието на денот кога светата Православна Црква го слави споменот на светиот великомаченик Георгиј, во манастирот на свети Георгиј Победоносец во Рајчица, метохот на Бигорскиот манастир, започна прославувањето на манастирската слава.
Во храмот посветен на светиот великомаченик Георгиј, најсвечено беа украсени изложените чудотворни, благоухани и исцелителни мошти на свети Георгиј (дел од раката). Откако овие свети мошти се наоѓаат во манастирот, мноштво верни доаѓаат да им се поклонат. 

Надлежниот архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, во сослужение на свештенослужителите од братството на Бигорскиот манастир, архимандритот Нектариј од манастирот свети Наум Охридски, дебарскиот парох о. Благој Спироски и свештенослужители од Повардарската епархија ја започна свечената и празнична Вечерна богослужба.

После прокименот, со свечена литија, со запалени свеќи во рацете, свештенослужителите со пеење на стиховите, ,,Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки“ ги пречекаа двете послушнички кои во периодот од 3 години се спремаа за примањето на ангелскиот чин - монашката схима.

 

 

                                      

 

Чинот започна со прашањето на Митрополитот ,,Зошто си дојдена сестро“. А потоа двете сестри ги дадоа заветите за послушание, девственост и сиромаштија.

 

После полагањето на заветите сестрите Тихомира и Елизабета ги добија монашките имиња Харитина и Елисавета.

Во светот сестра Харитина го носеше името Тихомира Јакимоска (27.02.1983, с. Кадино село, Скопје). По завршувањето на средното медицинско образование во Скопје замина на студии во Охрид на факултетот за Царина и шпедиција. Бидејќи подолго време во себе ја носеше желбата за монашкиот живот, таа пред три години стапи во манастир, во ,,белиот дворец“ на Свети Георгиј. Овие три години како главно послушание ја имаше манастирската градина, којашто преку нејзиното залагање го зголеми својот плод. Исто така го исполнуваше и послушанието на главен готвач. Во сестринството се истакнуваше со својата простодушност и ревност.

Сестра Елисавета, која во светот го носеше името Елизабета Георгиева (24.05.1984, Гевгелија), по завршувањето на средното земјоделско училиште во Валандово, побудена од стравот Божји, се запиша на Богословскиот факултет во Скопје.

Доаѓајќи во манастирот пред три години, таа доби главно послушание клисар. Благодарение на нејзиниот труд и залагање, а под будното око на старецот на oбителта, Архимандрит Партениј, соборниот храм во манастирот непрестајно светли, а кандилата се секогаш беспрекорно чисти и запалени. Таа го има и послушанието на просфорарх. Исто така, една е од сестрите кои го имаат послушанието околу изработката на архиерејски митри.

 

После петолебието, Митрополитот Тимотеј им честита на новопотстрижените сестри и одржа беседа во која истакна:

Дали вашиот стремеж кон монашкото живеење започна од моментот кога сте се упатиле кон Светата обител? Или, пак, во вашите срца се извршил еден долг подготвителен процес на постепено откажување од светот, додека сте осознале дека сте созреале за вашето призвание? Ние веруваме дека случајности во животот на луѓето нема. И мали и големи настани во животот се со Божјата промисла.

Да се врви по Христа со самоодрекување не е само за монасите, туку воопшто е христијански долг, зашто Исус Христос на сите кои Го следеле и Го следат им ја дал заповедтта: да Го сакаат повеќе од сѐ, па дури да се одречат од сите свои, од сѐ свое заради Него.

 

Потоа продолжи, велејќи дека сите големи и светли личности на монашкиот подвиг биле силни да го победат светот во нивните срца, со Божјата помош. Христос рече: ’Не бојте се, зашто Јас го победив светот!’ (Јован 16,33).

Владиката ги повика новопотстрижените монахињи и останатите да се молат за оваа света обител, за овој град, за нашата Црква и за нашиот народ                                    

 

После честитањето од страна на мноштвото верни, кои за оваа пригода дојдоа во голем број од сите страни на Македонија, сите беа поканети на трпеза на љубовта.

 

Наредниот ден истите свештенослужители отслужија празнична Утрена, како и Архиерејска Божествена Литургија на која Митрополитот Тимотеј одржа поучно слово, започнувајќи со зборовите од Евангелието на денот: ’Ако светот ве мрази, знајте дека Мене уште пред вас Ме замрази’. Во продолжение накратко го опиша житието на светиот великомаченик Георгиј потсетувајќи ги верните на заповедта Христова за љубовта спрема непријателите. После тоа се прекрши празничниот леб и повторно се послужи трпеза на љубовта.