Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Ордија во Струга (08.05.2006)

 

Како и секоја година храмовиот празник во црквата на свети Георгиј во Струга се празнува со Божествена Литургија и со посета на голем број на верници на богослужбите.

Карактеристика за овој празник е што следниот ден после храмовиот празник во Струга се извршува таканаречена ордија. Ордија значи дека следниот ден, по празникот на свети Георгиј, започнува со Божествена Литургија, а вечерта во градот се служи Вечерна богослужба, после која се извршува и парастос за сите починати ктитори, свештенослужители и црковнослужители, кои се запишани во диптихот на оваа црква.

И оваа година Владиката г. Тимотеј утрото на 7 мај отслужи Божествена Литургија, во сослужение на свештенослужители од Струшкото и Охридското архиерејско намесништво. На Божествената Литургија Владиката на собраните верници им се обрати со празнична беседа, во која говореше за ликот на свети Георгиј, како пример за непоколебливо исповедање на чистотата на верата, пример кој и денес ги поттикнува православните верници на следење и почит.

Попладнето во 16.30 часот Владиката отслужи Вечерна богослужба, на која што на крајот изврши благословување на петолебие. Потоа заедно со свештнослужителите отслужи парастос за упокојување на душите на сите споменати во диптихот на оваа црква. Веднаш потоа со празнична литија, предводена од големата икона на свети Георгиј, со крстови и барјаци, Владиката заедно со свештенослужителите и верниот народ се упатија надвор од црквата на свети Георгиј, поминувајќи го стариот дел на градот, доаѓајќи до црквата на свети Никола, преку струшката чаршија повторно се вратија во црквата. За време на литијата гласно се пееја велигденскиот тропар и тропарите на свети Георгиј и на свети Никола.

При повторното враќањето во црквата за сите верници, според обичајот беше поделена по една чаша црвено вино, и парче од петолебието. Стружаните имаат обичај виното да го испијат следното утро, сите во домот по малку, за благослов и бериќет во годината.

 

 

              

 

известува: о. Игор Никовски