Siracuse, САД (09.05.2006)
По повод Ѓурѓовден, во македонската православна црква на свети Георгиј во Siracuse, во сојузната држава New York (САД), чествувајќи го големиот воин на светата Православна Црква - светиот великомаченик и победоносец Георгиј, патронот на истоимената црква, во неделата на 7 мај, беа одржани патрони свечености. Со Светата Архиерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Епископот г. Методиј, администратор на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, свештеници од АКМПЕ и протоѓаконот проф. м-р Димитар Белчовски. Во присуство на неколку стотици македонски православни верници од домашната црква, како и гости од останатите македонски цркви во САД, по Светата Литургија, прекршувањето на празничниот леб и Водосветот, беше поставена трпеза на љубовта. Покрај црковната делегација, на патроните чествувања и на банкетот присуствуваа претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи при Владата на Република Македонија, проф. д-р Цане Мојаноски, потпретседателот на Епархиското собрание на Американско-канадската Македонска Православна Епархија, г-дин Борис Веловски, деканот на Педагошкиот факултет од Штип, проф. д-р Блаже Китанов и други. известува: Протоереј-ставрофор Бранко Постоловски