Охрид (16.05.2006)
Празникот на свети Атанасиј Велики во Дебарско-кичевската епархија оваа година свечено беше одбележан во манастирот на свети Атанасиј, метох на Светинаумовиот манастир во Охрид. На светата Литургија богослужеше надлежниот Владика г. Тимотеј во сослужение на игуменот на манастирот на свети Наум, архимандритот Нектариј, игуменот на Бигорскиот манастир на свети Јован Крстител, архимандритот Партениј и повеќе свештенослужители од Дебарско-кичевската и Повардарската епархија.
На Божествената Литургија со празнично слово кон присутните верници, кои за таа цел дел од нив беа допатувале од соседна Албанија, се обрати Владиката, во кое го потенцираше примерот на великиот александриски Патријарх. Потоа свештенослужителите заедно со Владиката излегоа во манастирскиот двор каде што го благословија празничниот леб и осветија вода.
Оваа црква посветена на свети Атанасиј Велики е изградена не толку одамна во 1929 година, за духовните потреби на работниците - наемници (меѓу месното население наречени и „колибари”) на манастирскиот имот на Свети Наум, со цел да не се нарушува манастирскиот ред и мир во Свети Наум со нивната фреквенција. Со текот на времето црквата претрпела разни оштетувања, од кои најголемо било при пробивањето на патот од страна на поранешната ЈНА за војничката караула, при што се истурила голема грамада камења во олтарната апсида. За количеството на истурените камења најубав показател е новиот конак до црквата кој што се изгради во целост од тој камен.
Во 2003 година Дебарско-кичевската епархија пристапи кон изградбата на манастирски конак, како и возобновувањето на манастирската црква, со целосен фрескопис и нов резбан иконостас. Осветувањето беше извршено од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Владиката г. Тимотеј на 31.10.2005 година.
известува: отец Игор Никовски