Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Педесетница (13.06.2006)

Светата Педесетница - роденденот на светата Црква - денот кога Светиот Дух во вид на огнени јазици се симна врз апостолите и ги направи носители на благодатта Божја, создавајќи од нив свет собор на сите оние кои се повикани за спасение на тој начин што со својот живот и со своите дела ќе се вградат во телото на Црквата, секоја година свечено се прославува во сите православни храмови насекаде по светот.

Надлежниот владика на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј во сослужение со игуменот на Светинаумовиот манастир архимандрит Нектариј и свештеникот Игор Никовски, отслужи Архиерејска Божествена Литургија во манастирот на Света Троица во с. Велестово.

Манастирот на Света Троица се наоѓа на прекрасно и живописно место пред селото Велестово, на југоисточната страна од Охрид. Местото каде што е изграден манастирот, пре неколку години, на посетителот му нуди прекрасен поглед кон Охридското езеро, бидејќи се наоѓа на поголема надморска височина од градот Охрид. Веднаш до манастирот е изграден и манастирскиот конак на два ката од кои првиот, приземниот дел е составен од кујна и трпезарија, а во горниот кат се наоѓаат седум келии предвидени за идните монаси. Манастирот и манастирските конаци се изградени по иницијатива на една мошне побожна постара верничка од селото, а која мнозина ја познаваат и викаат како баба Благуна.

На светата Литургија кон насобраните верници од селото и од градот Владиката Тимотеј се обрати со кратко слово, а по причестувањето на дел од верниците Владиката и свештенослужителите пристапија кон служење и на Вечерната богослужба, која во овој ден се изврува веднаш по Литургијата. По големот прокимен од страна на Владиката и свештенослужителите беа прочитани трите долги молитви предвидени за овој ден. По завршувањето и на Вечерната, свештенослужителите и Владиката во манастирскиот двор извршија мал Водосвет и Владиката ги благослови и ги прекрши празничните лебови.

Потоа во манастиркста трпезарија за сите присутни беше послужена трпеза со манастирско гравче.

 

 

         

 

известува: отец Игор Никовски