Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ (14.06.2006)

Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква испраќа Божји благослов и се обраќа до сите државни, политички, партиски и други фактори, како и до православните христијани и сите граѓани во Република Македонија, повикувајќи ги на мирно, слободно, демократско и христијанско однесување во текот на предизборните, изборните и поизборните активности.

На тој начин ќе покажеме и докажеме дека сме народ и земја со изградена култура на христијанско братољубие и демократско однесување -  вредности што се наш придонес во европското семејство на народите.

Од учесниците во изборниот процес бараме во нивните настапи да се насочуваат кон нагласување на доброто, а не кон меѓусебни кавги, омаловажувања и обезвреднувања.

Македонската Православна Црква молитвено посакува и очекува, со Божја помош и со добрата волја на учесниците, овие избори да бидат во духот на љубовта и меѓусебното почитување, а сѐ за подобра иднина на Република Македонија.

Црквата е надпартиска. Секој обид таа да биде вмешана во партиски активности го осудуваме и се оградуваме.

 

                                                   ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ