Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Охрид (19.06.2006)

Празнувањето на свети Еразмо Охридски во Дебарско-кичевската епархија беше одбележано со Вечерна богослужба и Света Архиерејска Литургија, во истоименитиот манастир кој се наоѓа на влезот во Охрид (на магистралниот пат кој води од Кичево кон Охрид).

 

 

                      

 

 

На 14 јуни 2006 година, некаде во попладневните часови веќе започнуваат во манастирот да доаѓаат групи на верници од охридскиот и струшкиот крај. За време на празнувањето на споменот на свети Еразмо, во овие два дена реки на верници се слеваат низ манастирските порти. Верниците со свеќи во рацете трпеливо во долг ред чекаат прво да влезат во пештерската црква, која му е посветена на свети Еразмо, а е изградена во 13 век, и која е со мали димезии; а потоа се симнуваат и во долната црква, изградена во понов период, во којашто се извршуваат богослуженијата.

Вечерта во 19.00 часот започна Вечерната богослужба, со која чиноначалствуваше Владиката г. Тимотеј. По завршувањето на Вечерната, поради големиот број на петтолебија кои се носат од страна на верниците, свештенослужителите се упатија на терасата од конакот, којашто собира поголем број на луѓе, и таму Владиката го изврши благословувањето на петтолебието.

 

 

                    

 

 

Утредента, со почеток во 07.30 часот свештенослужителите ја започнаа Утрената богослужба, а во 08.45 часот пред манастирските порти го пречекаа Владиката. Дури после 15 минути Владиката и свештенослужителите успеаја да влезат во црквата, бидејќи голем број на верници го чекаа Владиката за да земат благослов и да го целиваат светиот Крст од неговите раце. На светата Литургија Владиката кон верниците се обрати со слово, во кое на сите им го честиташе споменот на свети Еразмо Охридски, накратко раскажа за неговиот допринос за ширењето на христијанството во античкиот Лихнидос, во ранохристијанкиот период. Потоа Владиката и свештенослужтелите, заедно со верниот народ, се упатија надвор од манастирските порти, подолу од магистралниот пат, кадешто во една блиска ливада има изградено базен за извршување на Водосвет. На ова место Владиката изврши Водосвет и ги благослови празничните лебови.

Службата посветена на свети Еразмо Охридски веќе повеќе години се служи на македонски јазик. Истата е преведена и објавена во годинешниот алманах на Дебарско-кичевската епархија „Светиклиментово слово”, кое веќе 17 години излегува секоја година.

 

               


известува: отец Игор Никовски