Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на камен-темелникот на Камбанарија при храмот на Свети пророк Илија во населбата Јане Сандански (Аеродром) Скопје (30.06.2006)

КАМБАНАТА СИМБОЛ НА БЛАГАТА ВЕСТ
(Слово изговорено по повод осветувањето на камен-темелникот за изградба на Камбанарија при храмот “Свети пророк Илија” во населбата Аеродром во Скопје)
 

 

 

Еве, со Божја помош, по молитвите на Светиот пророк Илија, во сослужение со Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите г. Агатангел и г. Пимен, го осветивме и поставивме камен-темелникот за камбанарија, за објект на кој треба да бидат поставени идните камбани на храмот Свети Илија.

Инаку, камбаните имаат свое место, имаат долга традиција во христијанската Црква. Тие се продолжеток на старозаветниот кимвал, инструментот кој се користел при богослужбите во храмот.

Во христијанството камбаната е симбол на добра, на блага вест, е симбол на убав, радосен глас и нејзиното биење на богослужбите или во други прилики го нагласуваат моментот или настанот што доаѓа.

Уште старите Грци и Римјани, во своите празнувања ги користеле камбаните верувајќи дека тие имаат “волшебна моќ”.

Во христијанското богослужение камбаната е присутна уште од 4 век, најпрво на Запад, а потоа и на Исток. Византискиот император Михаил, во 886 година, во  црквата “Св. Софија” во Цариград, изградил кула и во неа поставил 12 камбани. Во 11 век камбани имало и во храмовите во Киев, Новгород, Ростов и во други места во Русија и Украина, а во тој период се датирани и првите камбани и на нашите простори.

Како попознати камбани на црквите на Запад, би ги издвоил оние во Катедралата во Келн, во црквата “Св. Стефан” во Виена, во Богородичната црква во Париз и други.

Кај нас во Македонија, поради разните прилики, особено поради повеќевековното османлиско ропство и заради разните војни и туѓински владеења, станало како традиција камбаните да се огласуваат само за големи празници и несреќи. Во тој период многу камбани биле оштетени и ограбени.  

Во 19 век, со перодбата и ослободителните движења во нашите побогати цркви и манастири камбани биле купувани или добивани како даренија, особено во градовите и печалбарските места. Низ нашава земја и денес можеме да сретнеме камбани од различни изработки: од руско, српско, бугарско или друго потекло. Од тој занает, до неодамна, биле познати мајстори од Крушево и Битола , а да се надеваме дека некој во иднина ќе  продолжи со тој занает-лиењето на камбани.

На нашите македонски простори, низ историјата, камбаните покрај боголслужбената употреба се користеле и за разни други настани. Така во Крушево, во 1903, востанието го најавиле црковните камбани; во Разловци во 1876 година, камбаните дале знак за почеток на востанито во Малешевијата, така било и при востанието во Кресна 1878, а така било и во 1958 и во 1967 година кога е возобновена и прогласена самостојноста на нашата Света Црква, така беше, си спомнувате, и во 1992 година кога прогласивме независна и суверена македонска држава.

Возљубени, низ нашата Татковина ни требаат громогласни камбани, кои, покрај богослуженијата постојано ќе ја објавуваат македонската вистина: и црковна, и државна и национална.

Оваа од денес благословена градба нека биде објект од кој ќе се слуша глас-повик и за молитва, и нека биде глас за добри јавувања, нека биде симбол за идни благовестија и за општината Аеродром, и за градот Скопје и за цела Македонија. Овој објект заедно со храмот Свети Илија нека бидат наша постојана пофалба за Господа.

Дарителот, господинот Мите Јовановски и неговото семејство и градителите на овој објект и црковен комплекс, Милостивиот Господ и Дарителот на сѐ нека ги награди за нивниот дар и труд.

Дај Боже во блиска иднина да ја изградиме камбанаријата и далеку нека се слуша гласот на нејзините камбани. Амин!